Престижнo признание за генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев: Македонец избран во Men’s Football ECA Working Group
ФК Работнички со огромно задоволство информира дека генералниот секретар на клубот Ненад Монев се здоби со нова престижна работна задача во Европската клупска асоцијација (ЕКА). Горди сме што Европската асоцијација на клубови ја препозна неговата напорна и квалитетна работа, неговата лојалност и посветеност кон оваа значајна европска фудбалска асоцијација и во конкуренција на функционери од 150 различни клубови од 50 држави, го именува Ненад Монев за еден од 25-те членови на Men’s Football ECA Working Group која во наредните четири години ќе биде клучна, во тесна корелација со УЕФА, во обликувањето на иднината на европскиот клупски фудбал и УЕФА клупските натпреварувања.
Men’s Football ECA Working Group ќе биде предводена од еден од потпретседателите на ЕКА Аки Рихилахти, а со неа ќе претседава прославениот португалски фудбалски ас Руи Коста, моментално на позицијата претседател на славниот португалски клуб Бенфика.
Оваа работна група ќе има мисија да внесе нови идеи за напредокот на европскиот клупски фудбал, вклучувајќи натпревари, високи перформанси и односи меѓу клубовите и националните асоцијации, преку препораки кои ќе бидат предадени до релевантните клупски фудбалски комитети на УЕФА и на ФИФА.
„За мене и за ФК Работнички претставува голем интернационален успех. Среќен сум и горд што ќе го претставувам мојот клуб ФК Работнички, особено македонскиот клупски фудбал во едно од најзначајните работни тела во структурите на ЕКА. Покрај останатите работни групи кои се одговорни за развојот на другите сегменти во клупското функционирање, како финансии, комерција и иновации, социјална одговорсност, самодржливост, женски фудбал итн., ова е сепак за мене најпрестижната. Самите сме свесни за популарноста на УЕФА клупските натпреварувања и фактот дека европскиот клупски фудбал со огромни чекори граби напред, а Men’s Football ECA Working Group треба да биде одредница и идејна работилница како да се изнајде патот до уште поголем успех во иднина во сите сегменти. Во фудбалот, успесите се постигнуваат на терен, но и надвор од него, а ФК Работнички е пример за ваквите успеси во изминативе години, но и во иднина. Преголема чест за мене и клубот е да бидеме рамо до рамо со најголемите европски фудбалски клубови, во креирањето на иднината на нашето големо европско клупско фудбалско семејство“, вели генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев.