shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Работнички ја победи Хата во „генералката“ пред стартот на првенството

Работнички оствари триумф (2-0) против Хата, клубот од Дубаи чиј тренер е македонскиот стратег Ѓоко Хаџиевски, во последниот пријателски натпревар во подготвителниот период, во пресрет на стартот на новата сезона во Првата лига. Мечот се одигра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, а тренерот Виктор Треневски им даде шанса за настап на најголемиот дел од фудбалерите во натпреварувачкиот погон.

Првата шанса ја имаше Хата, кога Самуел од десетина метри шутираше силно, но Шишковски одбрани. Потоа се обиде и Кире Маркоски со удар од далечина, но не беше прецизен. Во 21.минута, Хата се закани и преку Габриел, но неговиот шут заврши крај голот.

Во 32.минута, Работнички поведе со 1-0. Одличната акција на Кире Маркоски, двојното проигрување со Велинов, ја реализираше првиот со прецизен удар од работ на шеснаесетникот. Пет минути подоцна, Стојанчо Велинов упати удар од далечина, но директно во противничкиот голман.

Вториот дел, Хата го започна подобро. Во 54.минута гостите од Дубаи имаа голема шанса, но Абдала не погоди од самиот петерец. Потоа и Самуел имаше можност, но Божиновски одбрани.

Во 74.минута, Работнички стигна до водство од 2-0. Кадриу нафрли, а Миовски со удар со глава ја затресе мрежата на Хата, што на крајот беше и конечен епилог на мечот.

РАБОТНИЧКИ – ХАТА 2-0 (1-0)

Стадион „Борис Трајковски“ во Маџари. Судија: Игор Стојчевски. Стрелци: Маркоски 32’, Миовски 74’ (Работнички).

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Илиев, Билали, Рашо, Садики, Херера, Трајчевски, Дурански, Маркоски, С. Сахити, Велинов. Уште играа: Божиновски, Е. Сахити, Најденов, Тодоров, Кадриу, Ацковски, Борха, Митрев, Миовски.

ХАТА: Гемис, Нуби, Махмут, Амар, Сибил, Ропотан, Абдала, Аднан, Махир, Габриел, Самуел.