shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Петровиќ: Финалето го добива посилниот колектив

Работнички утревечер (20 часот) на арената „Филип Втори“ ќе игра ново финале во Купот на Македонија, бранејќи го пехарот освоен лани, но и сезоната пред тоа. Нашиот тим посакува и третпат последователно да се радува на трофејот во ова натпреварување, а за противник ќе го има составот на Шкендија.

Играчот за врска Милован Петровиќ, за кого нема загубена топка на средината на теренот, порачува дека финалето ќе го добие оној тим кој ќе се покаже како посилен колектив. Верува дека на тој план Работнички е посилен од Шкендија.

„Финалето е голем натпревар, еден дуел, немате право на грешка. Се игра со срце, со максимална концентрација, но и со натчовечка борбеност. Мислам дека колективот ќе биде пресуден. Квалитетните поединци можат и да разочараат, посебно ако од нив многу се очекува, но финалето се добива со тимска игра. Работнички има победнички дух, посебно на вакви важни натпревари и се надевам дека ние ќе се радуваме на нов пехар во нашите витрини“, вели Петровиќ.

Тој ги знае и добрите страни на противникот, кои ќе мора да се наутрализираат на најдобар можен начин.

„Шкендија е квалитетен состав, посебно во офанзивниот дел од тимот. Ќе треба да ја спречиме добрата организација на нападите на противникот. Тие се навистина силни, и поединечно, но и колективно, во навалната линија. Затоа ќе треба да бидеме агресивни и внимателни во средниот ред, да не дозволиме да развијат нивна игра. Мислам дека имаме големи шанси за успех доколку ги исполниме задачите што ќе ги ни постави тренерот Томислав Франц“, порачува Мики Петровиќ.

Симпатизерите на Работнички кои ќе сакаат да го бодрат тимот на утрешното финале на арената „Филип Втори“ можат да купат билети за Јужната трибина, за блоковите 1 и 2, кои се наменети за нашиот клуб. Директен телевизиски пренос од финалето ќе има на „Сител 3“.