shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Петровиќ: Како знаеме и умееме, целта е – финале!

Работнички е пред нов голем предизвик, на еден чекор до трето последователно финале во Купот на Македонија, а за остварување на целта ќе треба утре (16 часот) на арената „Филип Втори“ да излезе како победник во дуелот со Брегалница. Првите 90 минути во Кочани завршија со резултат 1-1, тоа можеби дава една мала предност за нашиот тим, меѓутоа, јасно е дека се ќе се решава на утрешниот реванш.

„Подготвени сме. Максимално мотивирани и сакаме трето последователно финале. Како знаеме и умееме, треба да го избориме. Брегалница како екипа заслужува максимален респект, ќе го има се до почетокот на натпреварот, а потоа одиме фронтално во битка, и се надеваме дека ќе ја оствариме целта. Сакаме да ја браниме круната освоена лани во финалето“, вели Милован Петровиќ.

Работнички и понатаму има проблеми со повредени фудбалери, меѓутоа Петровиќ вели дека тимот ќе смогне сили за да стигне до нов успех.

„Нема да размислуваме за хендикепот што не следи. Десеткувани сме од повреди, меѓутоа сите оние што се здрави и способни за настап, ќе дадат и повеќе од 100% за да го надоместат нивното отсуство. Нашата цел е финале, и за него ќе се бориме утре против Брегалница со сите расположливи сили“, истакнува играчот за врска.