shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Марковски: Дојдов во Работнички поради предизвикот што го носи Европа

Искусниот стопер Бојан Марковски е едно од засилувањата кои му пристапија на ФК Работнички во овој зимски преоден рок. По неколкугодишна интернационална кариера, тој одлучи да ја прифати понудата на нашиот клуб да се врати во Македонија. Вели дека европскиот предизвик што го носи Работнички, бил одлучувачки за ваквата негова одлука.

„Работнички е клубот што најдобро ја претставува Македонија на европската сцена во изминатиов период. Тоа и беше мојот предизвик, да дојдам и да помогнам за нов излез во Европа, а потоа заедно со соиграчите да имаме уште еден успешен поход на меѓународен план. Прифатен сум одлично, за брзо време и самиот се уверив во одличната клупска атмосфера и сега сме фокусирани на почетокот на пролетниот дел од шампионатот“, вели Бојан Марковски.

bojan markovski portret

Тој не ги мина подготовките во Анталија заедно со тимот, но верува дека брзо ќе се вклопи, со оглед на своето искуство.

„Не ги одиграв пријателските натпревари во Анталија, бидејќи трансферот се случи подоцна, но верувам дека брзо ќе се воиграм со останатиот дел од тимот. Ова е екипа составена од млади фудбалери, на кои им е неопходно и искуството што ќе го носиме јас и Милан Илиевски како дел од одбраната. Верувам дека уште на самиот почеток од пролетта ќе покажеме дека имаме квалитет и сили за големи нешта“, истакнува централниот дефанзивец.

Бојан Марковски во Македонија беше дел од Вардар и од Цементарница, а интернационалната кариера ја градеше во Србија, во ОФК Београд и во Бежанија, како и на Кипар, каде го носеше дресот на Еносис, Аполон Лимасол и на Аја Напа. Цели шест сезони мина во кипарското првенство.

„Тоа за мене е големо искуство. На Кипар се игра навистина квалитетен фудбал и иако не е тоа една од најквалитетните лиги во Европа, сепак, многу квалитетни поединци се дел од најдобрите тамошни клубови. Но, сега сум член на Работнички и фокусиран сум на мојот нов тим, да помогнам во остварувањето на клупските цели“, заврши новиот стопер на ФК Работнички.