shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Франц: Успешни подготовки во Анталија, сега да ги воиграме Маневски и Марковски

Работнички ги одработи десетдневните подготовки во турската база Анталија, а од денеска тренинзите продолжуваат на клупскиот комплекс. Фудбалерите добија дводневен одмор и сега освежени им се враќаат на тренажните обврски во завршниот дел од подготовките, а во пресрет на пролетниот дел од сезоната.

Тренерот Томислав Франц ги сумира впечатоците од Анталија, како и од промените во составот што се случија во изминатите десетина денови.

„Анталија беше полн погодок. Имавме фантастични услови за работа, мислам дека ги искористивме максимално, одигравме пет пријателски натпревари во десет дена, и работевме напорно во останатите неколку дена. Среќен сум што сите фудбалери ги одминаа повредите, и можам да кажам дека одработија максимално професионално, наметнувајќи се за својот статус во тимот. На дел од натпреварите имаше и одредени грешки, но мислам дека се појавија пред се поради одреден умор, и пад на концентрацијата. Имаме сега доволно време да ги остраниме и тие мали грешки до почетокот на пролетната полусезона“, анализира шефот на стручниот штаб.

Работнички во меѓувреме го напуштија капитенот Баже Илијоски, кој се пресели во Малезија, во редовите на Келантан, како и Кире Ристевски, кој потпиша за унгарскиот клуб Вашаш. Но, раководството веднаш реагираше и доведе адекватни замени, искусните Борче Маневски и Бојан Марковски.

„Се работи за искусни и за квалитетни фудбалски имиња. Маневски е повратник во Работнички и добро ја знае атмосферата и начинот на работа во клубот. Марковски е исто така повремен репрезентативец, квалитетен дефанзивец. Верувам дека ќе бидат одлични засилувања за нашиот тим, а ако нешто жалам, што е дека не беа со нас на подготовките во Анталија. Меѓутоа, таков е овој период, фудбалерите доаѓаат и си заминуваат, и сигурен сум дека и Маневски и Марковски одлично ќе се вклопат во нашиот тим“, истакнува Томислав Франц.