shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Треневски: Задоволство од подготовките во Анталија, „генералка“ со Крупа во Скопје

Работнички ги заокружи зимските подготовки во Анталија и се врати во Скопје, каде ќе продолжи да работи и да се подготвува до стартот на пролетниот дел од шампионатот. Шефот на стручниот штаб Виктор Треневски е генерално задоволен од тоа што тимот го одработи во турскиот туристички центар, најавувајќи дека формата се темпира за шампионатот, почнувајќи од првиот пролетен натпревар против Македонија ЃП.

„Имавме одлични услови за работа во Анталија, ги искористивме максимално, избегнувајќи го снежниот период кој владееше во Македонија. Одигравме неколку пријателски натпревари на кои шанса добија сите фудбалери, среќни сме што немаше повреди, и можам да дадам генерална оценка дека сум задоволен од тоа што го одработивме во Турција. Сега ни останува да ја направиме глазурата во Скопје, со оглед дека целта ни е да бидеме максимално подготвени за мечот против Македонија ЃП и за пролетниот дел од сезоната“, вели тренерот Виктор Треневски.

Нашиот тим в сабота ќе го одигра и последниот пријателски натпревар пред продолжението на шампионатот. Противник ќе биде босанскиот прволигаш Крупа.

„Ќе одиграме „генералка“ против босанскиот прволигаш Крупа, кој беше на подготовки во Охрид и на 11.февруари ќе допатува во Скопје за да го имаме последниот тест пред продолжението од првенството. Сега треба веќе да се фокусираме на глазура на формата и последни подготовки пред пролетниот старт“, посочува шефот на стручниот штаб.