Елиминирана Флора (2-0), следен ривал – летонска Јелгава
Работнички покажа дека е далеку подобар противник од Флора Талин и со победа од 2-0 на вечерашниот реванш натпревар на арената „Филип Втори“, сосема заслужено се пласираше во втората квалификациска рунда од Лигата на Европа.
Следен противник на Работнички во 2. квалификациско коло е летонската Јелгава, која сосема изненадувачки го елиминираше бугарскиот Литекс Ловеч.
Работнички, отпорот на Естонците го скрши во второто полувреме, а уште во првото полувреме лесно можеше да дојде до предност. Се почна фуриозно со убавата можност на Илијоски во 4. минута, за да продолжи со шансите на Цикарски и Чума Анене, а целиот тој период се заокружи со одличниот шут на Вујчиќ во 24. минута од околу 20 метри кој заврши само сантиметри од левиот дирек на голот на Флора.
Во 32. минута за прв пат се заканија и гостите, откако Сапинен излезе сам пред голот на Работнички во одлична можност, но голманот Божиновски со пад во нозете спречи погодок на Естонците.
Но, тоа беше се од Флора, а во 35. минута и Силјановски со одличен шут од околу 25 метри се обиде, но голманот на Флора брани исфрлајќи во корнер. И, најголемата шанса за „романтичарите“ дојде во 38. минута. По корнерот од десната страна, Илијоски со глава од пет метри биеше, Тоом одбрани, на одбиената топка повторно Илијоски, но дирекот го спаси голот на естонскиот тим.
Сепак, тоа што не се реализираше во првиот си дојде во вториот дел. Уште во 48. минута Чума Анене со прекрасен шут од околу 15 метри го погоди левиот агол од голот на гостите и носи водство од 1-0. Откако беше анулиранат предноста на гостите од првиот меч, продолжија нападите на македонскиот состав, и веќе во 54. минута дојде посакуваното водство од 2-0. Сахити одлично продре по десната страна, центрираше пред голот на гостите каде Марјан Алтипармаковски од непосредна близина смести за зголемено водство.
Сега, Работнички го очекува пресметката со летонската Јелгава која сосема изненадувачки го елиминираше бугарскиот Литекс. Откако на првиот меч во Летонија беше 1-1, денеска Јелгава одигра 2-2 на гостувањето во Бугарија, па поради гол повеќе во гости оди во следното коло. Првиот натпревар од 2. квалификациско коло против Јелгава, Работнички го игра на 16. јули на гостински терен.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛИГА ЕВРОПА – 1. КОЛО (реванш меч)
РАБОТНИЧКИ – ФЛОРА ТАЛИН (ЕСТ) 2-0 (0-0)
Вкупен резултат: 2-1
Национална арена „Филип Втори“. Гледачи: 1.000. Главен судија: Маркус Хаметер. Помошници: Стаудингер и Ридл (сите од Австрија). Стрелци: Анене 48’, Алтипармаковски 54’ (Р). Ж. картони: Силјановски, Божиновски, Цикарски (Р); Алое (Ф).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Силјановски, Илиевски, Ристевски, Цикарски, Петровиќ, Вујчиќ, Сахити (86’ Јовановски), Анене, Алтипармаковски, Илијоски (75’ Митров)
Тренер: Игор Ангеловски
ФЛОРА: Том, Јагер, Јоргенсон, Камс, Баранов (68’ Алое), Фролов, Шлеин, Логуа (55’ Гусев), Алику, Сапинен, Тукаинен (46’ Там)
Тренер: Норберт Хурт