shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Пораз (2-0) од Силекс на гостувањето во Кратово

Работнички го доживеа првиот пораз во новата сезона од Првата фудбалска лига откако загуби од Силекс во Кратово со 2-0. Кардиналните грешки во одбраната беа пресудни за крајниот епилог на овој меч.

Уште во третата минута, беше досуден пенал за Силекс. Игор Алексовски не реагираше најдобро после шутот на Марјан Ристовски, а имаше старт во петерецот по одбиената топка. Судијата Пилешков покажа на белата точка, а Антонио Каланоски го претвори во предност за Силекс од 1-0.

Матеј Ангелов имаше одлична шанса за израмнување, излезе сам пред Даниел Божиновски, но голманот на Силекс со одлична интервенција спаси сигурен гол.

По ова, уште една кардинална грешка на одбраната на Работнички. Во 22.минута, Стефан Деспотовски лошо реагираше во обид да ја врати топката кон Алексовски, а тоа го искористи Марјан Ристовски и зголеми на 2-0.

Работнички имаше уште една одлична шанса откако Аломеровиќ нафрли од левата страна, а Влатко Стојановски не ја зафати топката во петерецот.

Во вториот дел, Силекс се одлучи да го брани водството, Егзон Белица по корнер беше блиску до погодок, но домашната одбрана спаси на гол-линијата.

Кристоџеј Дејли имаше одличен продор по левата страна, шутираше откосо, но топката од блокот заврши за малку крај дирекот.

Во третото коло, Работнички на домашен терен ја пречекува Македонија ЃП.