shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Работнички со голем триумф (2-1) над Шкендија

Работнички оствари голема победа над Шкендија, совладувајќи го актуелниот првак со 2-1 на арената „Тодор Проески“. Тоа е втора победа во низа за нашиот тим и седмо место на табелата по вториот круг од натпреварувањето. Марио Станковски и Анес Рушевиќ беа стрелци на головите за Работнички на овој натпревар, а Аденис Шала реализираше за Шкендија.

Тимот на Борче Христов одигра одличен натпревар против шампионот и по пауза од пет години ја совлада Шкендија во Скопје. Офанзивен пристап, агресивност во средниот ред и цврста одбрана, беше рецептот за победа.

Марио Станковски постигна прекрасен гол во 23.минута, откако од дваесетина метри шутираше во спротивниот горен агол од голот на Костадин Захов. Голманот на Шкендија немаше никакви шанси да одбрани. Сепак, Шкендија израмни многу брзо.

Три минути подоцна гол постигна Аденис Шала откако мина неколку дефанзивци на Работнички и го фати Бурхан Мустафа на „крива нога“.

Марио Станковски имаше нова голема шанса за водство по асистенцијата на Марјан Ристовски, излезе сам пред Захов, но шутираше крај дирекот.

Во второто полувреме, сепак, Работнички дојде до нова до предност. Офанзивната игра донесе нова шанса, Марио Станковски го погоди дирекот, топката се одби на крајот од мешаницата до Анес Рушевиќ кој во 59.минута ја затресе мрежата на Шкендија.

Гостите до крајот имаа неколку шанси, Назифи го погоди дирекот, шанса имаше и Хасани, но триумфот остана за Работнички. Шкендија во 88.минута остана и со играч помалку поради исклучувањето на Јан Кривак.

РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 2-1 (1-1)
Арена „Тодор Проески“. Судија: Марјан Стојановски. Стрелци: Станковски 23′, Рушевиќ 59′ (Р), Шала 25′ (Ш). Ж. картони: Рашо (Р), Билали, Кривак (Ш). Црвен картон: Кривак (Ш).

РАБОТНИЧКИ: Мустафа, Максимов (78′ Ангелов), Рашо, Илиевски, Аломеровиќ, Тодоровски (69′ Кутсија), Гоес, Зејнулаи (78′ Родригез), Ристовски, Станковски (78′ Кировски), Рушевиќ (90′ Ѓорѓевиќ).

ШКЕНДИЈА: Захов, Тимовски (46′ Нафиу), Кривак, Незири, Цаке, Билали (68′ Менсалао), Гуера (46′ Дита), Шала, Хасани, Гури (79′ Назифи), Елези (61′ Маркоски).