shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Голем триумф во Ѓорче Петров (0-2)

Работнички оствари важен триумф (0-2) на гости против Македонија ЃП во седмото коло од Првата фудбалска лига. Нашиот тим со 14 освоени бода се наоѓа на делба од првото до четвртото место. Стрелци на головите на овој меч беа капитенот Кристијан Стојкоски во 50.минута и Лука Станковски во 89.минута.

Тимот на Александар Влахо влезе во одличен победнички ритам и во таков стил ги одигра и денешниот натпревар во Ѓорче Петров. Работнички беше многу подобар ривал и заслужено стигна до победа.

Офанзивниот пристап се забележа уште во 16.минута кога Марјан Ристовски шутираше од 20 метри над голот.

Во 20.минута, одлична шанса се создаде за Кристијан Стојкоски, кој излезе сам пред голманот Христијан Стевковски, но тој одбрани со пад во нозе.

Пет минути подоцна, Сефер Емини упати силен удар од далечина, но Ристе Јанков имаше одлична интервенција и исфрли во корнер.

Во 41.минута, Лука Станковски спушти со глава за Дејан Тантуровски кој излезе сам пред Стевковски, но си даде предолг фор и голманот ја прифати топката.


На почетокот на второто полувреме, Работички дојде во водство. По одличната акција на Тантуровски по левата страна и уфрлувањето во петерецот, Кристијан Стојкоски ја погоди мрежата на Македонија ЃП.

Две минути подоцна, Марио Младеновски заработи црвен картон откако без топка го удри Тантуровски со лакот во лице.
Марио Крстовски ја погоди гредата во 62.минута, но Работнички доминираше во поле со играч повеќе. Лука Станковски упати силен удар од 20 метри, но Стевковски беше на место во 71.минута, а потоа и Тантуровски беше во шанса, но Стевковски за миг побрзо ја прифати топката упатена од десната страна.

Во завршницата, Лука Станковски ги разреши дилемите. Доби одлично додавање од Кристијан Стојкоски, излезе пред голманот и рутински го надмудри за конечни 0-2.

Во следното коло, Работнички на домашен терен го пречекува Пелистер.

МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ 0-2 (0-0)

Стадион во Ѓорче Петров. Судија: Ндерим Тефику (Куманово). Стрелци: Стојкоски 50’, Л. Станковски 89’ (Работнички). Ж. картони: Емини, Адем, Камара, Лазаревиќ (Македонија ЃП), Максимов, Ристовски (Работнички). Ц. картон: Младеновски (Македонија ЃП).

МАКЕДОНИЈА ЃП: Стевковски, Младеновски, Емини, Да Силва, Араухо, Адем, Божиновски, Филиповски (84’ Фазлиу), Попзлатанов, Крстовски (79’ Камара), Воша (67’ Лазаревиќ).

РАБОТНИЧКИ: Јанков, Ристевски, Кировски, Позњак, Максимов (74’ Стојков), Ристовски (87’ Аломеровиќ), Османоски, Гоес (76’ Лазаров), Л. Станковски, Стојкоски, Тантуровски (87’ Дарбо).