shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Елмас: Признанието за најдобар млад фудбалер ќе ми биде голема мотивација за во иднина

Работнички е расадник на млади таленти, а во 2016 година блесна новиот брилијант од нашите редови, Елиф Елмас. Ако претходно беше само момче кое многу ветува, тој во 2016 година израсна во стандарден првотимец, па дури и еден од носителите на играта во тимот на Виктор Треневски. Ја креира играта, постигнува голови, стигна и на списокот на селекторот Благоја Милевски како дел од селекцијата до 21 година, иако е четири години помлад од своите соиграчи.

Ваквиот метеорски развој не остана незабележан и од Фудбалската федерација на Македонија, која на Елиф Елмас му го додели признанието за најдобар млад фудбалер во Македонија за изминатата година.

IMG_5982

„Голема чест е да се добие вакво признание, голема мотивација за во иднина, но и обврска да продолжам да работам уште понапорно и во периодот што следи. Секако, голем удел во оваа награда имаат и мојот клуб Работнички, кој ми овозможи одлични услови за напредок и ми даде шанса да се наметнам, целото раководство, потоа соиграчите, стручниот штаб, сите кои ме опкружуваат на фудбалски план. Се надевам дека ја оправдав довербата и ќе се трудам и во иднина да играм уште подобро“, вели Елиф Елмас, два дена откако е добитник на наградата за најдобар млад фудбалер во Македонија.

Тој се надева дека со Работнички и следната сезона ќе се избори за настап во европските купови.

„Тоа е целта на нашиот клуб, секогаш да биде во врвот на македонскиот фудбал и да настапува на европската сцена. Ќе дадеме се од себе заедно со клупските соиграчи да го оствариме планираното и на крајот од оваа сезона. Завршивме на четвртата позиција оваа есен, а се надеваме на поуспешна пролет“, порачува офанзивниот играч за врска.

1-IMG_4156

Елиф Елмас е дел и од селекцијата на Македонија до 21 година која успеа да се пласира на Европското првенство во Полска следната година. Верува дека ќе се наметне кај селекторот Благоја Милевски и за да биде еден од патниците на ова големо натпреварување.

„Остварен е историски успех за Македонија и мене ми е чест што сум дел од таа генерација, што тие момци ми се соиграчи. Јас сум од помладата генерација, но ќе продолжам да играм најдобро што можам и се надевам дека ќе се наметнам и за Европското првенство во Полска. Во секој случај, среќен сум што воопшто ја делам соблекувалната со момците и со сите со гордост го носиме националниот дрес“, завршува Елмас.

Време за малку одмор на фудбалски план, да се соберат сили, а по новогодишните празници повторно со клупски и со репрезентативни обврски.