shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Трајчевски: Работнички повторно има иста цел – Европа!

Почна одбројувањето…Уште неколку дена остануваат до почетокот на новата првенствена сезона во Македонија. Во првото коло кое е закажано за 7.август, Работнички ќе гостува во Ѓорче Петров и ќе ги одмери силите со новиот прволигаш Македонија ЃП. Тренерот Виктор Треневски и фудбалерите имаат уште неколку дена за подготовки, а капитенот Душко Трајчевски вели дека и во новата сезона целите на клубот остануваат исти – да се избори пласман во Европа.

„Се ближи почетокот на првенството. Уште неколку дена не делат од првиот меч со Македонија ЃП и тимот се подготвува максимално за предизвиците во шампионатот и во Купот. Работнички има јасно поставени цели и оваа сезона, да избори пласман на европската сцена“, потенцира капитенот Душко Трајчевски.

Пред неколку дена Работнички одигра пријателски меч со Македонија ЃП во Ѓорче Петров и дуелот заврши 2-2. Но, Трајчевски очекува многу поинаков натпревар в недела.

„Пријателските мечеви се сосема едно, а првенствените дуели се нешто друго. Имавме одличен тест со Македонија ЃП, но верувам дека првенствениот натпревар в недела ќе има сосема различен карактер. Почнува битката за бодови и сигурно дека и двете екипи ќе сакаат да стартуваат успешно“, истакнува играчот за врска.