shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Два гола на Ѓурѓевиќ за триумф над Беласица (2-0)

Работнички дојде до првата победа во новата сезона, откако во првиот меч на домашен терен ја совлада Беласица со 2-0. Стрелец на двата гола за нашиот тим беше Фахрудин Ѓурѓевиќ. По стартниот пораз од Македонија ЃП во Ѓорче Петров, ова е одличен резултат за составот на Ратко Достаниќ.

Работнички беше подобар ривал во текот на целиот натпревар. Првата можност ја имаше капитенот Горан Силјановски во десеттата минута. По шутот на Зука од 20 метри, тој натрча на одбиената топка од противничкиот голман, шутираше, но повторно погоди во него од изгледна позиција. Водството го донесе Фахрудин Ѓурѓевиќ во 38.минута. Од левата страна уфрли Кристијан Стојкоски, а тој со прецизен удар ја затресе мрежата на Беласица.

Во второто полувреме, Ѓурѓевиќ покажа дека умее одлично да стрела и со глава. Во 50.минута, по корнерот од десната страна Ѓурѓевиќ скокна највисоко и со прецизен удар со глава уште еднаш погоди на вистинското место. До крајот на мечот, Петар Петковски имаше убава шанса да постигне и трет гол за Работнички, но во 59.минута шутираше за малку крај дирекот.

РАБОТНИЧКИ – БЕЛАСИЦА 2-0 (1-0)

Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Марјан Ецкоски. Стрелец: Ѓурѓевиќ 38’, 50’ (Работнички). Ж. картони: Каланоски, Сулев (Беласица)

РАБОТНИЧКИ: Јанков, Пецов, Ѓорѓевиќ, Трајковиќ, Зука, Силјановски, Јефтовски, Тодоровски, Стојкоски, Петковски, Ѓурѓевиќ.

БЕЛАСИЦА: Силјановски, Серафимовски, Размоски, Тафе, Милушев, Паноски, Митевски, Каланоски, Истатов, Мирчевски, Да Силва.