shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Триумф над Вардар (0-1) во градското дерби

Работнички оствари триумф (0-1) над Вардар на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, во рамките на 15.коло од Првата фудбалска лига. Оливер Пеев во 57.минута беше стрелец на победничкиот погодок за нашиот тим на овој меч. По оваа победа, Работнички се искачи на четвртата позиција на табелата со 20 освоени бода.

Дербито донесе многу надмудрување на средината на теренот. Во 32. минута, се закани Оливер Пеев со удар од 16 метри, но одбраната на Вардар во последен момент одлично реагираше и блокираше. Пет минути подоцна, Владица Брдаровски имаше убава шанса, излезе сам пред Божиновски, шутираше, но голманот на Работнички беше на висина на задачата.

Во вториот дел, Работнички стигна до водство. Во 57.минута, Оливер Пеев донесе водство за „романтичарите“. По нафрлувањето на Бопесу од десната страна, Пеев ја смири топката на гради и умешно го надмудри противничкиот голман Филип Гачевски.

До крајот, Вардар се обидуваше да израмни, но безуспешно, а Работнички стигна до значаен триумф.

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ 0-1 (0-0)

Стадион „Борис Трајковски“ во Маџари. Судија: Александар Ставрев (Скопје). Стрелец: Пеев 57′ (Работнички). Ж. картони: Херанц, Најдовски (Вардар), Шаркоски, Димитровски, Стевановиќ (Работнички)

ВАРДАР: Гачевски, Тодороски (73′ Попзлатанов), Манев, Херанц, Битанг, Брдаровски, Најдовски, Мицевски, Јуфо (79′ Исени), Цветановски (61′ Ибиши), Лира.

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Тодоровски, Димитровски, Борха, Херера, Стјепановиќ (84′ Митрев), Пеев, Стевановиќ (72′ Ацковски), Шаркоски, Бопесу, Ф. Петковски (75′ Гофри).