shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Пораз (3-2) од Пелистер во Битола

Работнички загуби на гости против Пелистер со 3-2 во рамките на 20.коло од Првата фудбалска лига на Македонија. Во еден драматичен натпревар со многу пресврти, на крајот бодовите останаа во Битола.

Работнички поведе во третата минута, со голот на Христијан Кировски. Тој со лизгачки старт ја пресретна топката по центаршутот на Херера од левата страна и ја испрати во мрежата.Беше тоа убав старт на нашиот тим на овој меч.

Сепак, Пелистер направи целосен пресврт уште во првото полувреме. Борче Маневски од пенал во 23.минута го израмни резултатот. Претходно, Красниќи го фаулираше Наумоски во сопствениот шеснаесетник.

Само четири минути подоцна Ристе Илијовски постигна втор гол за Пелистер.

На полувремето, тренерот Горан Станковски го уфрли во игра Чарлс Гофри, и тој се покажа како значаен фактор. Прво не успеа да реализира две шанси, но во завршницата, во 83.минута, Гофри постигна погодок за израмнување по центаршутот на Трајчевски. Претходно, не беше досуден пенал за Работнички, откако Маркоски играше со рака во шеснаесетникот, по шутот на Филип Дурански.

Во 87.минута, Пелистер дојде до клучната предност која му донесе и триумф. Иве Трифуновски постигна прекрасен гол, и трите бода останаа во Битола.

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ 3-2 (2-1)

Стадион под „Тумбе кафе“. Гледачи: 1.000. Стрелци: Маневски 24’ (пен.), Илијовски 28’, Трифуновски 86’ (Пелистер), Кировски 3’, Гофри 83’ (Работнички). Ж. картони: Маркоски, Наумоски, Трифуновски (Пелистер), Дурански (Работнички).

ПЕЛИСТЕР: Ристевски, Илиевски, Илијовски, Драгарски, Љамчевски (58’ Трифуновски), Тодоровски, Маркоски, Миленковски, Наумоски (83’ Марковски), Коњарски, Маневски (90’ Неданоски).

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Крмар (46’ Гофри), Красниќи (73’ Шаркоски), Садики, Херера, Трајчевски, Дурански (81’ Асани), Стјепановиќ, Велинов, Лазаров, Кировски.