shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

ФК Работнички и Ненад Монев во големото европско друштво…да се учи од Јувентус, Сити, Јунајтед, Ајакс, Интер…

Работнички како клуб е еден од најголемите репрезенти на македонскиот фудбал на меѓународна сцена, а Генералниот секретар Ненад Монев доби исклучителна можност да биде дел од кремот на европскиот фудбал. Тој е единствениот фудбалски работник од Македонија кој досега добил можност да биде дел од напредна студиска програма при Европската Клупска Асоцијација (ЕКА), со поддршка од УЕФА, во периодот од ноември 2017 до јуни 2019.

Ќе учи, но и ќе ужива во друштвото на претставници на големите европски клубови во наредните две години. За Ненад Монев, но и за Работнички, тоа секако е фантастична можност за уште посилно доближување кон европските фудбалски вредности.

  • Тоа е едно големо искуство. Се надевам дека ќе успеам низ овој разговор да пренесам дел од она што се нарекува европски фудбал, во кој сега директно е инволвиран и ФК Работнички – Скопје и јас како Генерален секретар на клубот. За мене ова лично претставува огромно признание, со оглед на шансата која ми е дадена да го претставувам ФК Работнички, но и македонскиот фудбал воопшто. Прекрасни седум години сум дел од “Херојот од Дебар Маало” и сето она знаење и искуство кои ги стекнав преку работата во клубот и одличната соработка со моите колеги, придонесоа да ја добијам шансата која ми беше укажана пред извесно време од страна на ЕКА, да бидам дел од Клупската менаџмент програма. Доволно говори самиот факт што за оваа група од 30 напредни фудбалски работници, конкурираа преку 200 кандидати од различни клубови од цела Европа и по процесот на селекција, Комисијата на ЕКА процени дека сум квалификуван со моето претходно работно искуство во клубот и работата во оваа организација во последните две години. Ќе излажам, ако кажам дека очекував вака брзо да имам можност да бидам во друштво на раководните луѓе на европски клубови како Интер, Ајакс, Бенфика, Рома, Селтик, Арсенал, Манчестер јунајтед, Манчестер сити и други, меѓу кои и познати фудбалски легенди како Павел Недвед, Хавиер Занети, Едвин ван дер Сар, Нуњо Гомеш и многу други.

Што значи тоа и за ФК Работнички, како клуб кој ќе има свој претставник меѓу вашите колеги од Манчестер сити, Манчестер јунајтед, ПСЖ,
Јувентус, Рома, Интер…?

  • Значи премногу. Веќе набројав дел од клубовите и луѓето кои се инволвирани во овој двегодишен проект на ЕКА и на УЕФА. Верувајте, не е толку важна дипломата, односно сертификатот што на крајот ќе го добиете. Многу поважен е кругот на новите пријателства кои се создаваат, можноста да се види и научи за функционирањето на големите клубови, разменувањето на искуствата меѓу клубовите од различен дел на Европа и светот, како и можноста за идна соработка на секаков фудбалски план. Она што до вчера се чинело невозможно и сме имале шанса да го гледаме само на телевизија, сега веќе станува реално. Колегијалноста и дружбата меѓу сите нас, за време на сесиите и вон нив, е на едно високо ниво, а допрва следат уште сесии во наредните 2 години.

Тоа значи дека Ненад Монев и Работнички се рамо до рамо со европските клубови. Би издвоиле ли дел од нив, со кого веќе имате поблиски релации?

  • Во принцип на предавањата, кафе-паузите и слободното време, сите сме заедно во помали групи, но посебно ќе ги издвојам Џанлука Гомбар – тим менаџерот на Рома, Масимо Косетино – Генералниот секретар на Интер и Хемен Тсеајо – финансискиот директор на Манчестер јунајтед. Одлични млади амбициозни луѓе, кои работат на одговорни позиции во нивните клубови, со кои сум во постојан контакт за различни фудбалски и нефудбалски теми.

 

Можеби најпознатиот член во групата е легендата на Лацио и на Јувентус, Павел Недвед, носител на „Златната топка“…?

  • Павел Недвед е “студент”, како и јас, на оваа менаџмент програма. Покрај тоа што е голема фудбалска легенда, моментално е на позиција – потпретседател на Јувентус. Имав можност неколкупати да разговараме за време на паузите и за вечерите. Многу нормален, скромен и секојдневен човек и морам да признам дека има големо познавање и за македонскиот фудбал, посебно поради нашите одлични репрезенти во Италија – Пандев, Панчев, Несторовски, Трајковски…

Присуствувавте како гостин и на 120. роденден на ФК Јувентус. Имавте можност да го посетите и клубот. Сигурно може многу да се научи и да се примени делумно во македонска верзија. Имавте средба и со Андреа Ањели, во рамките на првиот модул од студиската програма…?

  • Домаќин на првата сесија, со тематика “Лидерство и стратегија”, на оваа менаџмент програма беше токму Јувентус. Одржувањето на првата сесија беше истовремено со прославата на 120 – годишнината од постоењето на Јувентус. На покана на мојот колега, Маурицио Ломбардо, Генерален секретар на Јувентус, заминав ден порано да го следам во живо натпреварот Јувентус – Беневенто. Имавме чест првиот ден со нас да биде и Андреа Ањели, претседателот на Јувентус, кој воедно од пред еден месец е и претседател на ЕКА. Искрено, имаше многу што да се научи и да се види, посебно од неговите предавања и излагања, како и неговиот начин на лидерство кој по семејна традиција го применуваат во Јувентус. Во однос на посетата на Јувентус, за импресиите би можеле да разговараме неколку денови. Се работи за еден од најголемите фудбалски клубови во Европа и во светот. Почнувајќи од фондот на играчи – мегазвезди, стадионот „Алијанц“, инфраструктурата, начинот на работа, професионализмот и посветеноста кон клубот и колку клубот значи за Торино и за цела Италија, слободно можам да кажам дека на Јувентус гледаат со голем почит и респект и најголемите негови конкуренти. Иако досега сум присуствувал на повеќе натпревари во другите првенства во Европа и натпревари во Лигата на Шампиони и Лигата на Европа, сепак и на еден ваков натпревар против последнопласирана екипа, можеше само да се ужива во таков фудбалски амбиент. Се работи за еден сосема друг свет, каде покрај фудбалската игра, како клуб дава огромен акцент на многу други сфери на фудбалското опкружување… Навивачите, медија-партнерите, спонзорите, бизнис активностите, подигнување на социјалната и општествената одговорност… Да бидам искрен, ние сме многу далеку од тоа функционирање. Таму фудбалот е фудбал, но огромно е влијанието на бизнис сегментот. Мора да се стремиме и секогаш да гледаме напред, барем колку што ни дозволуваат моменталните услови, да се доближиме до тоа ниво, а тоа би можело исклучиво само преку големи инвестиции во фудбалот и спортот воопшто.

Следат и други модули…Нови предизвици, и нови можности да се научи нешто ново…?

  • Помината е првата сесија (модул). Следниот месец одиме во Билбао, во март во Лондон, домаќин е Челси. Потоа следат Њујорк, Атина, Пекинг, Виена, Стокхолм и Женева. Вклучени се осум модули на напреден фудбалски менаџмент, на кои треба посветено да се работи две години. Секој модул вклучува теми од различни аспекти во спортскиот менаџмент (Лидерство, Спортски и бизнис активности, Комуникации и клупско социјално опкружување, Правни и финансиски активности…) преку директна практика во клубовите домаќини на модулите. Оваа програма претставува ефикасна менаџерска алатка за менаџирање на фудбалските клубови и одлична можност за учење, размена на знаења, остварување на контакти со колеги од цела Европа, едноставно вмрежување на европскиот фудбал. Според мене, успешноста на оваа програма е тоа што во сесиите се многу добро вкомпонирани теоретскиот и практичниот дел. Како за пример, во Торино предавањата беа од реномирани светски професори по менаџмент, лидерство и стратегии од Бизнис Универзитетот во Стокхолм. Надополнети со предавања од Андреа Ањели, претседателот на Јувентус, Иван Газидис, Извршниот директор на Арсенал, потоа Извршниот директор на Ливерпул, како и Претседателот на Базел. Преку сето ова имаше можност да се увидат практичните примери на функционирање на големите клубови. На крајот, секој од нив е лидер на помали групи, во кои ние сме тие кои ги решаваме зададените задачи. Со самото тоа искуството и можноста да се научи од нив е непроценливо.

 

Веќе седум години сте дел од ФК Работнички? Што значи да се биде Генерален секретар на еден од најпознатите македонски клубови? Контакти, лични познанства, но и многу обврски, одговорности…

  • Седум години сум дел од семејството наречено ФК Работнички. Тоа е еден од најдобрите клубови во Република Македонија, кој изминативе години е редовен учесник на европските натпреварувања и добар репрезент на македонскиот фудбал во Европа на меѓународен план. Една од најважните стратегии на клубот е успешна работа со младинскиот погон, односно продуцирање на млади и талентирани играчи, на што сите во ФК Работнички сме посебно горди. Доказ за успехот се и наградите и признанијата. Токму ФК Работнички е избран од ФФМ за најдобар клуб во младинскиот фудбал за 2017 година, а ги добивме и признанијата за најдобар млад фудбалер и за најдобар тренер во оваа конкуренција. Придобивка од оваа работа не се само селектираните играчи од младинско-пионерскиот погон кои подоцна настапуваат во сениорскиот тим, туку за главна придобивка се смета што во нашиот клуб активно тренираат 300 деца на возраст од 6-18 години. Секојдневно работиме, за да бидеме на вистинскиот пат кон она што се стремиме и што е наша визија, постигнување на најдобрите спортски резултати на теренот и надвор од него. Работнички важи за голем клуб, покажа успех на европска сцена, моментално се наоѓаме во фаза на смена на генерации, и убеден сум дека напредокот ќе продолжи. Особен оптимизам ми влеваат младите генерации на ФК Работнички и нивниот потенцијал, кои допрва доаѓаат и допрва ќе бидат носители на македонската фудбалска сцена.

Задачите на Генералниот секретар на ФК Работнички се обемни, и многу одговорни. Но, на крајот сепак сатисфакцијата е преголема.

  • Што се однесува до моите активности, одговорноста е голема, но кога се работи она што се сака, сметам дека задоволството од работењето на оваа професија е она што ме движи напред. Извршувањето на оваа функција, бара голема посветеност, одговорност и голема жртва во однос на приватниот живот. Нема слободни викенди, нема неработни денови, нема празници. Се е тоа поради ангажираноста во клубот и сите работи кои доаѓаат заедно со оваа позиција. Благодарност до моето семејство, кое максимално ме поддржува уште од самиот почеток кога решив да студирам и магистрирам спортски менаџмент во странство. Покрај ова, голема благодарност до сите во ФК Работнички, моите колеги од администрацијата, тренерите во сениорскиот тим и во Академијата на клубот, како и играчите. Атмосферата и колегијалноста која владее во клубот се клучот за сите успеси, во минатото, но ќе бидат и во иднина. Нивното искуство кое го носат со себе, како поранешни играчи, тренери и судии е огромно и од нив научив многу. Особена благодарност до претседателот Драган Попоски, кој пред седум години ми даде шанса и слобода да го работам она што го сакам и сметам дека најдобро го знам. Жртвата е преголема ако се знае дека јас сум дел од целата организација во клубот. Но сепак, кога ќе погледнам наназад, не жалам за ниту една жртва, за ниту една минута помината во овој клуб, поради фактот колку многу ФК Работнички придонел за мене како личност и како фудбалски работник, како и можностите кои ми ги дал за мојот понатамошен развој на професинален план. На крајот можам да да кажам – БЛАГОДАРАМ, ФК РАБОТНИЧКИ!