shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Трета победа по ред, падна и Шкупи на „Филип Втори“

Работнички ја оствари третата победа по ред во Првата фудбалска лига и се искачи на шестата позиција на табелата со 16 освоени бода. Тимот на Горан Станковски по Пелистер и Вардар, денеска славеше триумф и против Шкупи, совладувајќи го прволигашот од Чаир со 1-0. Стрелец на победничкиот гол беше Чарлс Чинеду Гофри во 45.минута од средбата.

Во еден тежок и неизвесен натпревар, исполнет со многу трчање и борба за секоја топка, Работнички заслужено ги освои бодовите.

Прв се закани Работнички во петтата минута, по корнерот од десната страна. Велинов шутираше со глава, а на одбиената топка налета и Велинов, но не беше прецизен.

Возврати Шкупи преку Буњамин Шабани во 15.минута, а неговиот удар со глава беше лесен плен за Божиновски.

Во 27.минута, Стјепановиќ одлично го проигра Сержо јуниор, тој се закани со волеј-удар, а Зендели исфрли во корнер. Осум минути подоцна, одлична шанса имаше Велинов, кој проигран од Гофри излезе сам пред Зендели, шутираше, но голманот на Шкупи имаше одлична реакција со нозете и одбрани.

Сепак, не можеше да одбрани во самата завршница од првото полувреме, кога убавата акција по слободниот удар со гол ја заокружи Чарлс Гофри.

Во вториот дел, нововлезениот Мбела шутираше во 56.минута откосо од десната страна, а Божиновски одбрани. По ова, Стјепановиќ шутираше непрецизно од 16 метри, а Ален Јашароски се закани од слободен удар.

Кире Маркоски имаше убава можност во завршницата, а најубавата ја имаше Чарлс Гофри, кој во 90.минута шутираше во празниот гол, но Бериша спречи да се тресе вторпат мрежата на Шкупи.

РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ 1-0 (1-0)

Арена „Филип Втори“ во Скопје. Судија: Димитар Мечкаровски. Стрелец: Чарлс Гофри 45’ (Работнички). Ж. картони: Велинов, Садики, Стјепановиќ (Работнички), Демири (Шкупи).

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Рашо, Садики, Митрев, Билали, Трајчевски (62’ Маркоски), Стјепановиќ, Тодоров, Велинов (83’ Најдовски), Сержо јуниор (90’ Илиев), Гофри.

ШКУПИ: Зендели, Зука, Бериша, Кривањева, Адем, Таипи, Бајрами (75’ Имери), Шабани (89’ Демири), Исмаиљи (46’ Мбела), Јашароски, Стојковски.