shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Влахо: Следува разврската за третото место

Работнички оствари сигурен триумф над Пелистер (3-1) во 26.коло од Првата фудбалска лига и зема залет за директните пресметки со конкурентите за третото место на табелата кое носи излез на европска сцена. Тимот на Александар Влахо во моментот е на петтото место, а во наредните два меча ќе се сретне со четвртопласираниот тим на Струга Трим Лум и третопласираната Македонија ЃП.

Шефот на стручниот штаб посакува Работнички да продолжи во ист ритам како и на претходниот натпревар со Пелистер.

„Задоволен сум од изданието против Пелистер и победата. Конечно прикажавме квалитетна игра и на домашен терен оваа сезона. Сите честитки одат за главните актери, фудбалерите. Морам да го истакнам Марио Станковски, кој го одигра најдобриот натпревар во последно време, постигна гол, создаде неколку стопроцентни шанси и максимални ја искористи дадената шанса. Исто така и голманот Ристе Јанков кој двапати одбрани пенал. Секако, и сите останати затоа што фудбалот е тимска игра. На крајот и мала забелешка за малото опуштање во финишот кога по водството од 3-0 дозволивме Пелистер да даде гол. Но, тој меч е веќе зад нас, а ние сме фокусирани на претстојното гостување во Струга“, вели Александар Влахо.

Работнички ќе има проблеми со суспендирани и повредени фудбалери на мечот со Струга Трим Лум.

„Ќе недостигаат неколку фудбалери, капитенот Горан Силјановски и Лука Станковски поради пет жолти картони, како и повредените Стојкоски, Лазаров, Пецов, Петковски…Но, тимски ќе се бориме за да оствариме позитивен резултат во Струга. Тоа нема да биде воопшто лесно, затоа што Струга Трим Лум е одличен тим и посебно добро игра на својот стадион. Но, јасно е дека следува разврската за третото место и ќе се обидеме да бидеме најдобри што знаеме и умееме“, порачува Александар Влахо.

Работнички в среда, со почеток во 13 часот, му гостува на Струга Трим Лум во 27.коло од Првата фудбалска лига.