shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Trabsonspor – Rabotnicki

Trabsonspor – Rabotnicki

-

Trabsonspor

Position Goals Assists Yellow Cards Red Cards
 0000

Rabotnicki

Position Goals Assists Yellow Cards Red Cards
 0000

Recap

Огромен успех за нашиот клуб и за македонскиот фудбал во целина. Работнички го елиминираа моќниот турски клуб Трабсонзпор, кој вреди повеќе од 100 милиони евра, играјќи херојски 1-1, по продолженија, и тоа со играч помалку повеќе од еден час, по исклучувањето на Душко Трајчевски. Со триумфот од 1-0 во Скопје, Работнички стигна до вкупен резултат 2-1, кој го носи во плејоф-колото пред групната фаза од Лигата на Европа.

Кире Маркоски во 112. минута беше стрелец на значајниот погодок за Работнички. Беше упатена долга топка од Милан Илиевски во шеснаесетникот на Трабзонспор, тој ја следеше топката, голманот на домашниот тим Онур Киврак излета, а Маркоски со глава ја погоди мрежата.

Уживаме во новите „романтични“ мигови на нашиот клуб и одличната презентација на македонскиот клупски фудбал на меѓународната сцена.

Работнички прв се закани од слободен удар во четвртата минута, но нафрлувањето на Вујчиќ отиде директно во рацете на Киврак, а на спротивната страна, исто така од слободен удар, шутираше Јусуф Ердоган две минути подоцна. Не беше прецизен.

Во 11.минута, Чума Анене ја имаше првата одлична можност. Излезе сам откосо од левата страна, шутираше од 15 метри во спротивниот агол, но не успеа да погоди на вистинското место.

Возврати Трабзонспор во 18.минута, Јусуф Ердоган центрираше ниско по земја во петерецот на Работнички и за среќа, никој од домашните фудбалери не успеа да ја зафати таа топка.

Турскиот тим притисна и во 33.минута создаде убава можност. Јусуф Ердоган уфрли од десната страна, во средината Кардозо ја остави топката за Озер Хурмачи, следеше силен удар по земја, но Даниел Божиновски успеа да одбрани.

На самиот истек на првиот дел, Оскар Кардозо упати удар со глава, но не беше прецизен.

Во 55.минута, Кардозо спушти со глава топка за Окај, но Божиновски беше побрз. Само една минута подоцна, Окај Јокуслу постигна погодок. Озер Хурмачи испрати одличен центаршут во срцето на шеснаесетникот, а Окај со удар со глава ја смести топката во мрежата на Работнички.

Во тие моменти, Трабзон ја надомести негативата од првиот меч во Скопје, а тоа им даде крилја на домашните фудбалери. Две минути подоцна, Јусуф Ердоган имаше шанса, но со глава шутираше крај голот.

trabzon - rabotnicki 2

Ангеловски го повлече првиот потег, на местото на Сахити го уфрли во игра Алтипармаковски, а во 62.минута со удар од далечина се закани Оскар Кардозо. Божиновски со крајни напори успеа да одбрани.

Во 64.минута се случи мешаница на средината на теренот, по која Душко Трајчевски заработи втор жолт картон и беше исклучен. Веќе во следниот напад, Мбиа имаше одлична шанса, но Божиновски фантастично интервенираше.

Уште еднаш Божиновски се истакна во 76.минута, откако центаршутот на Ердоган одеше директно во голот, а во 84.минута го одбрани и ударот со глава на Кардозо.

Една минута подоцна, црвен картон требаше да добие и Стефан Мбиа, со оглед дека претходно имаше еден жолт картон. Тој од зад грб го повлече Вујчиќ, но главниот судија Стивен Мек Лин, очигледно немаше ист аршин.

Во 90.минута, Марјан Алтипармаковски со удар од 20 метри ја погоди гредата од голот на Трабзонспор, по што топката падна на гол – линијата…а можеби и внатре во голот…Сепак, мечот отиде во продолженија.

Илиевски се обиде од слободен удар во 96.минута, но погоди во живиот ѕид. Во 102. минута Кардозо не се снајде најдобро во шеснаесетникот на Работнички и пропушти убава шанса, а само две минути подоцна Денис Јилмаз го погоди десниот дирек од голот на Божиновски. Шутираше откосо од десната страна од десетина метри, а овојпат среќа имаше Работнички.

И тогаш се случи 112. минута. Една долга топка во шеснаесетникот на Трабзон, навидум неопасна, Кире Маркоски ја следеше реакцијата на Онур Киврак, тој излета, а фудбалерот на Работнички со глава ја погоди празната мрежа на турскиот клуб.

Фантастичен е ова успех на Работнички, кој уште еднаш покажа како треба да се игра во Европа.

ТРЕТО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ОД ЛИГАТА НА ЕВРОПА

ТРАБЗОНСПОР – РАБОТНИЧКИ 1-1 (1-0, 0-0)

Вкупен резултат 1-2

Стадион „Хусни Авни Акер“. Гледачи: 15.000. Судија: Стивен Мек Лин (Шкотска). Делегат: Хозе Гилјерме Агуијар (Португалија). Обсервер на УЕФА: Роберто Росети (Италија).
Стрелци: Окај Јокуслу 56’ (Трабзонспор), Кире Маркоски 112 (Трабзонспор). Жолти картони: Констант, Јилмаз, Мбиа, Кардозо (Трабзонспор), Трајчевски, Алтипармаковски, Илијоски, Петровиќ (Работнички). Црвен картон: Трајчевски 64’ (Работнички).

ТРАБЗОНСПОР: Киврак, Каванда, Медјани, Јумлу, Констант, Мбиа, Окај (87’ Ајтак), Зенгин, Ердоган (105’ Сефа), Хурмачи (77’ Јилмаз), Кардозо.

Тренер: Шота Арвеладзе

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Силјановски, Ристевски, Илиевски, Цикарски, Трајчевски, Петровиќ, Сахити (60’ Алтипармаковски), Вујчиќ, Анене, Илијоски (74’ Митров).

Тренер: Игор Ангеловски