shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Треневски: Работнички секогаш успешно се трансформира и гледа кон врвот

Работнички со реми без голови против Ренова го започна новиот шампионат во Првата лига, а во второто коло претстои гостување во Битола и дуел со освојувачот на Купот, Пелистер. Во овој транзициски период, „романтичарите“ доживеаја одредени промени во тимот, од клубот заминаа Шиков, Силјановски, Елмас, Ивановски, а доведени се неколку нови имиња. Како што вели шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски, ова е период во кој Работнички треба да се трансформира и повторно да гледа кон врвот на табелата, позициите што носат излез во Европа.

„Ова е период во кој Работнички се трансформира. Не е ова непознато за клубот, речиси секоја година има вакви промени. Но, заминаа навистина клучни фудбалери од минатата сезона и сега треба коцките да се наместат, дел од фудбалерите да преземат нова одговорност и да почнеме да функционираме според моите замисли. Од друга страна, одигравме солиден меч против Ренова на почетокот од шампионатот, дуелите со овој ривал секогаш се тесни и традицијата продолжи. Сега не очекува ново искушение во Битола, против Пелистер кој исто така има нов стратег, што секогаш носи и нова енергија во тимот“, вели Виктор Треневски.

Тој очекува интересен дуел против Пелистер, и, секако, се надева на позитивен резултат.

„Ќе биде интересен меч, Пелистер секако има свои амбиции, но и ние со свои адути и самодоверба ќе одиме во Битола. Очекувам од натпревар во натпревар да играме се подобро и да оствариме позитивен резултат“, истакнува шефот на стручниот штаб.