shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Треневски: Кратово е секогаш предизвик, но Работнички е подготвен

Првенството влезе во својата последна фаза, а Работнички има намера да ја задржи третата позиција на табелата и да обезбеди пласман на европска сцена и за следната сезона. Згуснатиот распоред носи нов меч на секои три дена, а новиот предизвик за тимот на Виктор Треневски е гостување во Кратово в недела, и дуел со Силекс. Шефот на стручниот штаб вели дека екипата е подготвена и за овој дуел.

„Првенството е во завршница, интересно е и во трката за излез во Европа, и за опстанок. Секој нов меч е нов предизвик, а ние сме фокусирани на неделното гостување во Кратово. Силекс е квалитетен тим, посебно добро игра на домашен терен, а има одличен стратег на кормилото. Но, Работнички е подготвен и верувам дека ќе одиграме добар меч, дека ќе успееме да ја оствариме нашата цел. Имаме одредени проблеми со тимот, има повредени фудбалери, но верувам дека фудбалерите кои ќе добијат шанса ќе ја искористат на најдобар начин“, истакнува шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски.

Работнички во пресрет на 32.коло од Првата фудбалска лига се наоѓа на третата позиција со 49 бода, додека Силекс е шестопласиран со 42 освоени бода.