shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Многу пропуштени шанси и реми (1-1) со Ренова во Тетово

Работнички одигра 1-1 против Ренова на гостувањето во Тетово, во рамките на 30.коло од Првата фудбалска лига на Македонија. По ова коло, Работнички останува на третата позиција на табелата со 48 бода, четири повеќе од четвртопласираниот Пелистер.

Во отворен натпревар, со многу шанси на двете страни, Работнички можепе да стигне и до триумф, доколку имаше подобра реализација. Но, Ренова прва поведе во осмата минута. Нафиу нафрли од десната страна, топката го погоди Шиков и ја затресе мрежата на Шишковски. По ова, Работнички имаше многу шанси пред голот на домаќинот. Во 13.минута, Ивановски шутираше со глава по корнерот на Дурански, но „гипсарите“ спасија на самата гол – линија.

Во 30.минута, одличната акција на на Силјановски ја заврши Ивановски, но не беше прецизен. Пет минути подоцна, Ивановски со центаршут од левата страна го погоди првиот дирек од голот на Ренова. Потоа, Силјановски шутираше од десетина метри од десната страна, но Хаџо одбрани на одличен начин.

Во 58.минута, во одлична позиција беше Наумчевски. По проигрувањето од Трајчевски излезе сам пред Хаџо, но неговиот шут го одбрани голманот на Ренова. Потоа шанси имаа и Вуковиќ и Ивановски, но повторно Хаџо беше на висина на задачата.

Во 80.минута, конечно дојде израмнувањето. Херера изведе слободен удар од 40 метри, топката во скокот малку го закачи Мишковски, а потоа го изненади Хаџо и заврши во мрежата на Ренова. До крајот и двете екипи се обидоа да постигнат победнички гол, но дуелот заврши 1-1.

РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ 1-1 (1-0)

Градски стадион во Тетово. Гледачи: 500. Судија: Александар Ставрев (Скопје). Стрелци: Шиков а.г. 8’ (Ренова) – Мишковски а.г. 80’ (Работнички). Ж. картони: Фетаи (Ренова), Митрев (Работнички).

РЕНОВА: Хаџо, Велија, Муслиу, Мишковски, Фетаи (84’ Рамадани), Усеини, Нухи, Селмани (63’ Петковски), Гафури, Нафиу (74’ Садики), Велинов.

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Рашо, Шиков, Митрев, Херера, Трајчевски (79’ Садики), Наумчевски (60’ Вуковиќ), Силјановски, Дурански, Елмас (74’ Демир), Ивановски.