shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Треневски: Против Македонија ЃП, со мотивација како против Вардар

Работнички утре (16 часот) на „Телеком арена“ ќе го пречека составот на Македонија ЃП, во рамките на 28.коло од Првата фудбалска лига на Македонија. Посакувањата се да бидат освоени нови три бода, а тренерот Виктор Треневски вели дека големо значење на овој дуел ќе одигра и мотивацијата.

„Играме против Македонија ЃП, еден млад и полетен тим, кој претходно во првенството веќе ни покажа дека може да биде многу незгоден ривал. Затоа, мораме максимално мотивирано да влеземе во овој дуел, да наметнеме свое темпо и да ги заслужиме трите бода. Имаме квалитет, имаме и поголемо искуство, но сето тоа треба да се покаже и да се потврди на теренот“, вели тренерот Треневски.

Работнички засега цврсто ја чува третата позиција на табелата, но шефот на стручниот штаб вели дека работата ниту од далеку не е завршена.

„Никако, не смееме да помислиме дека работата сме ја завршиле. Има уште една четвртина од шампионатот, во опција се уште 27 бода. Мораме да продолжиме во темпото што го имаме во последните триесетина дена, да победуваме, да освојуваме бодови, се до самиот крај на првенството“, истакнува Треневски.