shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Иван Поповски: Работнички има јасна стратегија и не отстапуваме од неа

Работнички го заврши есенскиот дел од сезоната во Првата лига на четвртото место, со 28 освоени бода, еден помалку од третопласираниот Пелистер, со јасно изразени амбиции за излез на европската сцена и следната година. По напорната полусезона, фудбалерите заминаа на одмор, а раководството и стручниот штаб во претстојниот зимски преоден рок ќе имаат полни раце работа, да го оформат тимот за пролетната полуетапа.

Спортскиот директор на ФК Работнички, Иван Поповски, навестува дека клубот само ќе продолжи да се движи по јасно зацртаната визија.

„Работнички има јасна стратегија, визија која е зацртана и се исполнува успешно неколку години. И ние немаме намера да отстапиме од неа, туку само да ја надградуваме и да ги исполнуваме задачите што се приоритетни во даден момент. Направена е одредена анализа на првиот дел од сезоната, релативно можеме да бидеме задоволни и од бодовното салдо, но пред се од трансформацијата на тимот под раководство на тренерот Виктор Треневски. Како што знаете, во нашиот клуб добиваат шанса млади и талентирани фудбалери и среќни сме што најголем дел од нив ја користат на вистински начин, афирмирајќи се во Првата македонска лига, но и наметнувајќи се како играчи за кои има интерес и од одредени клубови од странство“, вели Иван Поповски.

Страгегијата ќе продолжи да се применува и во наредниот период.

„Апсолутно. Како што реков, остануваме доследни на нашата визија. Претстои зимскиот преоден рок, ќе има одредени промени во тимот, но базата остануваат фудбалерите од нашиот погон, младите таленти кои веќе прераснуваат во носители на играта. Во консултација со тренерот Треневски ќе доведеме одредени нови имиња, но откако ќе знаеме и дефинитивно на кои фудбалери нема да се смета во пролетниот дел од сезоната. Засега се разделивме со двајца странци, Лука Томаш и Ридван Адешина, кои си заминаа од клубот. Има одреден интерес за нашите стандардни фудбалери од други клубови, ќе ја разгледаме секоја понуда, и потоа ќе решиме како ќе делуваме. Секако, дека ќе има и неколку освежувањата на тимот за пролетната полусезона“, истакнува спортскиот директор.

Работнички првиот дел од зимските подготовки ќе го одработи во Скопје, а потоа ќе замине на повеќедневни подготовки во турскиот центар Анталија, каде веќе неколку сезони традиционално се реализира овој дел од подготвителната фаза.