shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Треневски: Ќе ја оцениме полусезоната како успешна за Работнички

Работнички го заврши есенскиот дел од првенството во Првата лига на четвртата позиција со 28 освоени бода. Задржан е курсот за излез на европската сцена и следната сезона, а истовремено направен е голем кадровски потег, со подмладување на тимот и формирање на еден нов состав, кој го предводи шефот на стручниот штаб Виктор Треневски. Тој е релативно задоволен од оствареното и оваа полусезона ја оценува како успешна, согласно бодовното салдо и соодносот со конкурентите во горниот дел од табелата.

„Завршивме како четвртопласирани по овој есенски дел, со 28 освоени бода, еден помалку од третопласираниот Пелистер. Ако направиме една генерална анализа, тогаш можеме да бидеме релативно задоволни од оствареното. Имаше добри моменти, одлични резултати, а, се разбира, имаше и грешки и порази. Но, во глобала, задоволен сум затоа што во од изградивме еден нов тим, составен од млади и талентирани фудбалери, кои покажаа дека можат да се надигруваат, а и да победуваат, со дел од најдобрите. На половина сме од патот, има уште многу да се работи, не очекува пеколна пролет, а сега фудбалерите треба добро да се одморат и да соберат сили за новите искушенија. Раководството на клубот и стручниот штаб секако ќе работи и во овој зимски период, околу формирање на тимот, програмата за зимски подготовки“, вели тренерот Виктор Треневски.

Работнички е единствениот тим кој успеа да го победи шампионот Вардар, но, сепак, имаше и одредени осцилации во играта и во резултатите.

„Сето тоа е и повеќе од нормално, ако се знае дека ова е клуб кој се потпира на младите сили и им дава огромна шанса за да напредуваат. Имаше и некои оценки во јавноста, дека сме биле во криза во одреден период, па потоа добивавме пофалби кога го победивме Вардар во дербито, но јас како тренер ја гледам глобално целата слика и мислам дека можеме да бидеме генерално задоволни. Оваа сезона во Првата лига се појави и еден добро организиран Пелистер, кој се вмеша во горниот дел од табелата. Но, ние сме повторно тука, на чекор, и остануваме со нашата цел, да обезбедиме излез на меѓународната сцена. Драго ми е што Работнички како еден отмен клуб, со голема и убава традиција, има на располагање многу младински македонски репрезентативци. Во одредени периоди беше тешко да се вклопат сите нивни активности, и репрезентативни и клупски, но среќен сум што сите тие напредуваат рапидно и веќе се носители на играта во клубот“, истакнува шефот на стручниот штаб.