shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Божиновски: Со Вардар беше совршено, сега на ред е Шкендија

Работнички го совлада Вардар со убедливи 3-0, нанесувајќи му го првиот пораз на актуелниот шампион во овој шампионат. Уште поважно за нашиот тим е што со триумфот во дербито се стави крај на негативната серија од изминатите три меча без победа, па сега со многу поведра атмосфера се гледа кон следниот дуел, гостувањето во Тетово против Шкендија.

Ако голманот ниту еднаш не ја вади топката од мрежата, тогаш мора да биде задоволен од своето издание, но и играта на целиот тим. А ако се работи за триумф од 3-0, тогаш делува совршено.

„Остваривме голем триумф над Вардар. Ако анализираме, можеби се беше совршено, ги исполнивме во целост задачите на тренерот Виктор Треневски. Нормално, задоволни сме, но нема многу време за радост, затоа што првенството продолжува и веќе сме фокусирани на следниот предизвик кој е исто така голем, гостувањето во Тетово на мегдан против Шкендија“, вели голманот Даниел Божиновски.

Тренерот Треневски оваа сезона ги ротира Божиновски и Шишковски меѓу диреците, а, како што вели Даниел, и двајцата се трудат да ја оправдаат неговата доверба.

„Тренираме напорно, ние сме големи пријатели, и секој сака да ја искористи шансата кога ќе му биде дадена. Но, исто така и се поддржуваме, се бодриме, затоа што најважен е тимскиот успех. Во Работнички сите ние сме едно големо семејство“, истакнува поискусниот чувар на мрежата, Даниел Божиновски.