shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Најденов: Подготвени сме за успешен старт на првенството

Работнички в среда (17.30 часот) ќе го има својот старт во домашниот шампионат, гостувајќи во Ѓорче Петров против новиот прволигаш Македонија ЃП. Избраниците на Виктор Треневски добија три дена повеќе за подготовка, откако мечот беше одложен од технички причини. Но, ќе минат и тие брзо, а играчот за врска Бојан Најденов смета дека тимот е подготвен за успешен старт во новото првенство.

„Работиме одлично по доаѓањето на новиот тренер Виктор Треневски и мислам дека подготвени ќе влеземе во новиот шампионат. Се разбира, потребни ни се натпревари за сите замисли на шефот на стручниот штаб да бидат реализирани и тимот да почне да функционира како што тој замислува. Верувам дека уште на стартот, в среда во Ѓорче Петров, ќе прикажеме добра игра“, вели Бојан Најденов.

Пред десетина дена двата тима одиграа пријателски натпревар токму на стадионот во Ѓорче Петров, кој заврши 2-2. Но, Најденов смета дека тоа и не мора да биде пресудно, со оглед дека првенствен и пријателски натпревар, сепак, не е исто.

„Тоа беше првиот натпревар на кој не предводеше Виктор Треневски. Не ги знаевме доволно добро неговите идеи, а секојдневно работиме за да се усовршиме на тој план. Верувам дека в среда ќе бидеме многу подобри и дека ќе успееме да ги освоиме трите бода“, порачува репрезентативецот Најденов.