shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Франц: Ќе бидеме подготвени за стартот од шампионатот

Работнички рано ги стартуваше летните подготовки поради настапот во квалификациите за Лигата на Европа, а по елиминацијата од Будуќност своите мисли ги насочи кон стартот на новиот шампионат. Тренерот Томислав Франц им даде само кус одмор на фудбалерите, а потоа се вратија во погон продолжувајќи да ја одработуваат зацртаната програма. Договорени се и пријателски натпревари за проверка на формата до почетокот на новата првенствена сезона.

„Веќе сме комплетно фокусирани на подготовките за почетокот на првенството. За жал, куса беше епизодата во Европа оваа сезона, но тоа е веќе зад нас и сега сме насочени на што е можно подобра подготовка за првенствените искушенија. Закажани се и пријателски натпревари. На 19 јули ќе гостуваме во Неготино, каде ќе одиграме пријателски меч со Вардар Неготино, а на 24 јули ќе имаме спаринг натпревар и со Македонија ЃП во Ѓорче Петров. Генералката треба да биде со Ренова на 31 јули, и по ова треба да бидеме подготвени за почеток на шампионатот. Во меѓувреме, се работи на подобрување на сите аспекти од играта, тоа што беше воочено како аномалија на натпреварите против Будуќност во рамките на Лигата на Европа“, вели тренерот Томислав Франц.

Раководството на клубот се очекува да направи конкретни чекори и за ангажирање на нов напаѓач, откако Марјан Алтипармаковски го напушти клубот и се пресели во Интер Запрешиќ.