shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Жал за нереализираните шанси, Работнички со реми оди во Подгорица (1-1)

Работнички одигра 1-1 против Будуќност на арената „Филип Втори“, во првиот меч од првото квалификациско коло во Лигата на Европа. Многу шанси за нашиот тим, но само еден погодок, и грешка, по која Будуќност прв дојде во водство, кон крајот на првиот дел. Израмни Елиф Елмас во 80.минута од средбата.

На почетокот, Суад Сахити со два обиди се закани кон голот на Драгојевиќ. Сепак, голманот на црногорскиот претставник не дозволи брзо водство на избраниците на Томислав Франц.

Хочко возврати во 30.минута, но Шишковски беше на вистинското место.

Во 33.минута, одлична акција на Суад Сахити по десната страна, испрати употреблив центаршут, но Иван Галиќ не ја зафати најдобро топката за да биде опасно кон голот на Милош Драгојевиќ.

А потоа, во 38.минута, грешка на потесната одбрана на Работнички, која Будуќност знаеше да ја казни. Лука Мирковиќ испрати центаршут, Шишковски тргна кон топката и не успеа да ја избоксува, а Велизар Јанкетиќ тоа го искористи и ја спроведе во мрежата.

1-IMG_8492

Работнички можеше да израмни само четири минути подоцна. Кире Маркоски од десната страна го проигра Алтипармаковски, кој со дриблинг се ослободи од двајца чувари, шутираше со левата нога, но ја погоди гредата од голот на Будуќност.

На стартот од вториот дел, Будуќност со прва закана. Во 55.минута, Мирковиќ нафрли во петерецот, а Џаловиќ за малку не ја зафати топката.

Десет минути подоцна, одлична можност за Работнички. Слободен удар изведе Мите Цикарски, и од 25 метри ја погоди гредата од голот на Будуќност. Голманот Драгојевиќ се чини дека интервенираше доволно за топката да не заврши во мрежата, туку во гредата.

Тоа беше знак за нови напади на Работнички во обид за израмнување. Одлична шанса имаше Алтимармаковски во 70.минута, шутираше со глава по центаршутот од левата страна, но Драгојевиќ одбрани. Потоа и Дурански шутираше од 14 метри, но повторно голманот на Будуќност беше на вистинското место.

Во 74.минута, Суад Сахити зафати полуволеј, но не беше прецизен.

По толку многу шанси, конечно се затресе мрежата на Будуќност во 80.минута. Херера центрираше од десната страна, Дурански ја спушти топката за Елиф Елмас, кој распали од 18 метри и погоди во долниот лев агол од голот на Драгојевиќ.

Две минути подоцна, Херера постигна погодок, но беше поништен поради офсајд позиција.

До крајот, Работнички бараше победа. Можеше до неа да дојде во 89.минута. По корнерот од десната страна, Деан Митрев беше осамен на петерецот, но шутираше над голот.

Работнички со реми (1-1) оди во Подгорица, но покажа, посебно во второто полувреме, дека е подобар тим. Вторите 90 минути на програмата се на 7 јули.

1-IMG_8257

ЛИГА ЕВРОПА – ПРВО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО

РАБОТНИЧКИ – БУДУЌНОСТ    1-1 (0-1)

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 1.500. Судија: Збињек Проске. Помошници: Радек Котик и Роберт Хајек (Чешка). Стрелци: Елмас 80’ (Работнички), Јанкетиќ 39’ (Будуќност). Ж. Картони: Трајчевски, Маркоски, Најдовски (Работнички), Сератлиќ (Будуќност).

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Митрев, Најдовски, Цикарски, Трајчевски, Најденов (62’ Елмас), Галиќ (54’ Дурански), С. Сахити, Маркоски (77’ Херера), Алтипармаковски.

БУДУЌНОСТ: Драгојевиќ, Јанкетиќ (63’ Цамај), Вукчевиќ, Сератлиќ (56’ Раичевиќ), Митровиќ, Раичковиќ (87’ Марковиќ), Пејаковиќ, Вушуровиќ, Мирковиќ, Хочко, Џаловиќ.