shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Франц: Првата прозивка за летните подготовки е на 30 мај

Првенството заврши на 19 мај, а шефот на стручниот штаб Томислав Франц веќе го закажува почетокот на летните подготовки на Работнички за 30 мај. Фудбалерите имаат многу мал период за да се одморат и да се регенираат за искушенијата што ги носи следната сезона, но тоа е данокот што го плажаа екипите од Македонија кои учествуваат во европските купови. Работнички избори пласман во квалификациите за Лигата на Европа.

„Првата прозивка е закажана за 30 мај (понеделник) во 17 часот. Времето за одмор беше кусо, но таков е животот на професионалните фудбалери. Македонските клубови многу рано ги стартуваат своите натпревари во европските купови, а за тоа треба добро да се подготвиме. Затоа, стартуваме в понеделник, и иако планот ќе го допрецизираме наредните денови, сепак, треба да работиме неколку дена во Скопје, а потоа да заминеме на подготовки во Словенија, по што повторно ќе се вратиме во Македонија, во пресрет на европските мечеви ова лето“, најавува тренерот Томислав Франц.

Тимот нема да биде комплетен на првата прозивка. Ќе отсуствуваат фудбалерите кои имаат репрезентативни обврски. Бојан Најденов е во А-репрезентацијата, а Дамјан Шишковски, Елиф Елмаз и Кире Маркоски се дел од младата селекција до 21 година.

„Точно е, овие фудбалери речиси и да немаа одмор. По завршувањето на првенството се ставија на располагање на репрезентативните селекции. Тие ќе отсуствуваат на првата прозивка, како и првите неколку денови, се додека имаат обврски кон националниот тим“, истакнува шефот на стручниот штаб.

Во меѓувреме, раководството ќе работи и на составување на тимот за следната сезона. Засега, има само едно ново име, Филип Наумчевски, а за сите останати доаѓања и заминувања од клубот, јавноста навреме ќе биде информирана преку официјалната веб страница.