shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Незаслужен пораз од Вардар за крај на сезоната

Екипата на Работнички со пораз го заврши овогодинешниот настап во Првата лига, откако во рамките од последното коло „романтичарите“ го загубија соседското дерби со Вардар со минимални 0-1. Иако психолошки истрошени по поразот во финалето од Купот на Македонија, нашите фудбалери одиграа квалитетен натпревар во кој не искористија неколку одлични шанси, со кои сигурно ќе го избегнеа незаслужениот пораз.

Вардар ја имаше првата шанса на натпреварот откако младиот Петар Петковски влезе во шеснаесетникот, но од десетина метри откосо шутираше само крај дирекот. Работнички се закани преку Галиќ, чиј обид од 25 метри заврши за малку крај голот. Во 19. минута домаќините имаа и слободен удар од идеална позиција, но Алтипармаковски шутираше директно во добро поставениот Гачовски, кој умешно ја одби топката во поле. Како клучен момент од средбата се покажа 43. Минута во која Илиевски стартуваше врз Николов, а судијата процени дека станува збор за прекршок за пенал, што Таневски го претвори во гол за водство на Вардар.

rabotnicki vardar

Второто полувреме мина во подобра игра на нашата екипа, која создаде неколку убави шанси, но не стигна до израмнувачки погодок. Ерера имаше одличен центаршут по само четири минути игра во вториот дел, но Маркоски за малку не стигна да ја смести топката во мрежата. Една минута подоцна Маркоски повторно беше опасност по гостинскиот гол, Гачовски пред него му ја тргна топката при опасна ситуација, а потоа голманот на Вардар два пати во низа одлично интервенираше при шутевите на Галиќ. Најубавата шанса ја имавме на десет минути до крајот кога Алтипармаковски доби одлична топка на седум-осум метри од противничкиот гол, но Гачовски го одбрани и овој негов обид.

И покрај овој пораз, мора да се истакне дека Работнички ја оствари целта зацртана за оваа сезона, излез во фудбалска Европа. Нашиот тим сезонава ја завршува на четвртото место на табелата, со 42 бода на своето салдо.

РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР   0-1 (0-1)

Стадион: „Филип втори“. Гледачи: 2.000. Судија: Александар Ставрев. Стрелец: Танески 44′ (п)

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Илиевски, Петровиќ, Херера, С. Сахити (Е. Сахити 37′), Елмас (Ацковски 82′), Галиќ, К. Маркоски (Ристовски 73′), Б. Маркоски, Алтипармаковски.

ВАРДАР: Гачевски, Брдаровски, Мијушковиќ, Таневски, Глишиќ, Денковски, Велковски, Николов, Спировски, Асани, Петковски.