shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Илиевски: Има простор за голем напредок во играта

Работнички се уште е непоразен оваа пролет, но врза две ремија во серија, против Шкупи и против Ренова на домашен терен, по што падна на петтата позиција на табелата во Првата фудбалска лига. Оттаму капитенот Милан Илиевски смета дека постои простор за голем напредок во играта на нашиот тим.

„Јасно е дека желба и залагање постои и дека нема забелешки за никого на тој план. Сепак, мислам дека целиот тим може многу подобро и дека има голем простор за напредок во нашата игра. Ќе тренираме напорно и ќе се потрудиме веќе на следните мечеви да се претставиме во поквалитетно издание“, анализира капитенот Илиевски.

Тимот е „десеткуван“ со повреди токму на неколку офанзивни фудбалери и тоа е воочливо и во самата игра.

„Ги немаме на располагање Борче Маневски, Кире Маркоски, Емир Сахити. И тоа јасно се гледа и на теренот. Посакуваме што е можно побрзо да се вратат во натпреварувачки ритам, но дотогаш ќе мора да изнајдеме и решение како да бидеме поагресивни пред противничкиот гол. Оние фудбалери кои добиваат шанса ќе мора да ја искористат на најдобар можен начин“, потенцира искусниот дефанзивец.

Во следното коло, Работнички в сабота ќе му гостува на Силекс во Кратово.

„Очекувам да го подигнеме нивото на играта. Верувам дека во овој Работнички има голем капацитет. На тренинзите работиме одлично и мислам дека многу брзо ќе им се вратиме на победите“, капитенски порачува Милан Илиевски.