shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Франц: Одбраната мора да биде поцврста

Работнички одигра 1-1 против Шкупи на Градскиот стадион во Велес, заслужено освои бод, но тренерот Томислав Франц жали што не е продолжена победничката серија во вториот дел од шампионатот. Сепак, продолжи друга серија, без пораз оваа пролет, вклучувајќи го тука и првиот полуфинален натпревар од Купот на Македонија.

„Одигравме квалитетен натпревар против Шкупи, екипа која секако заслужува респект за настапите во досегашниот тек од сезоната. Не ја продолживме победничката серија, но, и не загубивме, иако имавме негатива. Успеавме да се вратиме со погодокот на Душко Трајчевски, а потоа имавме шанси и за победа“, анализира тренерот Томислав Франц.

Сепак, шефот на стручниот штаб сака уште поцврста одбрана, зголемена концентрација во решавачките моменти за да мирува мрежата на нашиот тим.

„Одигравме четири натпревари оваа пролет, три од шампионатот и куп-дуелот со Брегалница, и на сите дозволивме да се тресе нашата мрежа. Тој сегмент сакам да го подобриме, да се потрудиме да ја задржиме концентрацијата на максимално ниво во текот на целиот меч“, истакнува Франц.

Претстојниот викенд, Работнички на домашен терен ќе го пречека тимот на Ренова.