shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Франц: Очекувам наше квалитетно издание и поволен резултат на куп-дуелот со Брегалница

Работнички со две првенствени победи ја започна пролетта, против Младост Царев Двор (2-1) и против Металург (1-2), а утре нашиот тим го очекува и првиот попуфинален натпревар од Купот на Македонија, против Брегалница на Градскиот стадион во Кочани, со почеток од 14 часот. Иако нема да го има на располагање комплетниот состав, тренерот Томислав Франц очекува тимот да се претстави во квалитетно издание и да извлече поволен резултат пред реваншот во Скопје. Работнички ја брани круната во Купот на Македонија, откако успеа да го освои трофејот минатата сезона.

„Ние сме актуелни победници во куп-натпреварувањето и секако дека посакуваме да влеземе во ново финале и да го браниме трофејот. Со таква мисла патуваме за Кочани, каде очекувам да се претставиме во квалитетно издание. Нема да калкулираме, иако има и реванш на кој ние ќе бидеме домаќини. Посакувам да одиграме пред се еден добар натпревар, а со тоа и да стигнеме до поволен резултат. Секако, сето тоа е релативно, затоа што утре на програмата е првата битка за финалето, а ќе следат и втори 90 минути во Скопје“, вели тренерот Томислав Франц.

Во составот на Работнички ќе недостигаат повредените Борче Маневски и Кире Маркоски, како и Мите Цикарски, кој заработи црвен картон на првенствениот натпревар со Металург.