shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Најденов: Со урнекот од првиот дел против Младост ЦД, на триумф против Металург

Работнички славеше со 2-1 против Младост Царев Двор на пролетната премиера, а веќе утре следи нов предизвик за избраниците на Томислав Франц. Нашиот тим му гостува на последнопласираниот тим во шампионатот, Металург, на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, со почеток од 14 часот.

Играчот за врска, Бојан Најденов, верува во нов успех, а потенцира дека урнек треба да биде првото полувреме од дуелот со Младост Царев Двор. Во првите 45 минути Работнички одигра организирано, дисциплинирано и во потполност ја контролираше играта.

„Остваривме победа на стартот, но и извлековме некои поуки од натпреварот со Младост Царев Двор. Мораме да ја задржиме концентрацијата на високо ниво во текот на целиот меч и ние да ја диктираме играта. Со еден таков рецепт, според урнекот од првото полувреме против Младост ЦД, верувам дека можеме да се надеваме на успех и против Металург. Тие се млад тим, ќе сакаат да се докажат, бодовите им се и повеќе од потребни, но и ние имаме свои планови и сакаме да оствариме триумф“, вели Бојан Најденов.