shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Франц: Одиме според планот, напорни подготовки за успешна пролет

Шест дена минаа од првата прозивка што ја изврши шефот на стручниот штаб Томислав Франц, а фудбалерите на Работнички вредно тренираат исполнувајќи ја неговата програма. Прва фаза е од зимските подготовки, наменета за подобрување на физичките способности, а така ќе биде се до заминување во Анталија, на 22.јануари.

Паралелно, и раководството работи според планот, успеа да ангажира три засилувања, а и да потпише нов договор со капитенот Баже Илијоски. Тренерот Франц е задоволен од тоа што досега е реализирано во клубот.

„Напорно тренираме, така е секогаш во овој период од зимските подготовки. Работиме два пати дневно, во сала и на терените во нашиот комплекс, а акцентот е ставен на подобрување на физичката подготовка на фудбалерите. Задоволен сум, работната атмосфера во Работнички никогаш не била проблем, секогаш е на највисоко можно ниво, а го одработуваме првиот дел од планираната програма. По заминувањето во Анталија, ќе продолжиме и со техничко – тактичкиот дел и одигрувањето на пријателски подготвителни натпревари. Но, мораме да создадеме и добра подлога за таму да бидеме максимално активни“, вели шефот на стручниот штаб.

Франц е задоволен и од активноста на Работнички на трансфер – пазарот. Заминаа двајца играчи од средниот ред, Стефан Вујчиќ и Иван Митров, а доведени се тројца нови фудбалери, Бојан Најденов од Хоризонт Турново, како и двајцата млади хрватски фудбалери, крилниот играч Иван Галиќ и напаѓачот Марко Пушкариќ. И можеби најважно од се, раководството пронајде заеднички јазик со капитенот Баже Илијоски за продолжување на соработката.

„Задоволни сме, пред се затоа што е задржан костурот на тимот од есенскиот дел од шампионатот. Капитенот Илијоски потпиша нов договор, а заминувањето на Вујчиќ и на Митров е надоместено со нови фудбалери на тие позиции. Сите ќе добијат подеднаква шанса за докажување и верувам дека ќе ја искористат. Сега треба квалитетно да се подготвиме, а пролетта ќе покаже колку сме биле успешни. Сепак, ни претстои уште многу работа и најважно од се е да не одминат повредите“, порачува тренерот Томислав Франц.