shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Иван Поповски: Зад нас е успешна година, Купот и Европа се наши цели за 2016

Изминуваат последните денови од 2015 година, која беше повеќе од успешна за ФК Работнички на резултатски план. Посебно со настапите во квалификациите за Лигата на Европа, а и со освоениот трофеј во Купот на Македонија. Ништо помали амбиции клубот нема и за следната 2016 година.

Спортскиот директор Иван Поповски ја анализира годината зад нас, но и ги најавува плановите на ФК Работнички во наредниот период.

„Имавме навистина успешна година. Ја испраќаме 2015 година со убави спомени, одлични резултати во квалификациите за Лигата на Европа. Ќе останат запишани во историјата победите над Флора Талин, Јелгава, сензацијата што ја остваривме со елиминацијата на моќниот турски клуб Трабзонзпор, и достојниот отпор против рускиот Рубин Казан. Дојдовме на еден чекор од пласман во групната фаза од ова европско натпреварување, горди сме на тоа остварување, но и мотивирани да направиме уште повеќе во периодот што е пред нас, следната 2016 година“, вели Иван Поповски.

На домашен план ФК Работнички успешно чекори во Купот на Македонија, каде избори пласман во полуфиналето, бранејќи го трофејот освоен токму во изминатава 2015 година. По есенскиот дел од шампионатот, тимот се наоѓа на четвртата позиција на табелата во македонската Прва лига.

„Добрите игри во Европа се одразија малку резултатски во домашното првенство, но тоа беше и очекувано. Сепак, успешно е надминат и тој период, тимот влезе во кризен период со поголем број повредени фудбалери, но на крајот се стабилизиравме и од четвртата позиција повторно ќе атакуваме за излез на европската сцена. Секако, нашата цел е да го одбраниме и трофејот во Купот на Македонија. Се наоѓаме во полуфиналето, каде за противник ја имаме Брегалница“, анализира спортскиот директор.

Крајот на 2015 година е означен и со промена во стручниот штаб. Томислав Франц е нов тренер, откако Игор Ангеловски го напушти Работнички и стана нов селектор на македонската фудбалска репрезентација.

„Влегуваме во 2016 година со нов шеф на стручниот штаб. Благодарност за Игор Ангеловски за се што направи во нашиот клуб, имавме одлични резултати заедно, и драго ни е што направи голем чекор напред во својата кариера, а токму од Работнички се пресели на селекторската позиција во националниот тим на Македонија. Ние се решивме да продолжиме по истиот пат и за нов тренер е именуван Томислав Франц, кој беше прв соработник на Ангеловски во изминатите три години. Ќе продолжиме со нашата добро позната стратегија, промоција на млади и талентирани фудбалери, а се надеваме дека ќе продолжиме и со успесите на домашната и на меѓународната сцена. Веруваме во квалитетите на Франц, тој ќе има максимална поддршка и несебична помош од сите нас во клубот, и тргнуваме во нови победи. Претстојниот зимски преоден рок ќе го искористиме за одредено освежување на тимот и веќе од 8.јануари, стартуваме со работа. Веќе е договорено вториот дел од зимските подготовки да се одвива во Анталија, каде ќе одиграме и неколку подготвителни мечеви. Работнички продолжува да работи според досегашната своја стратегија“, истакнува Иван Поповски.