shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Томислав Франц е нов тренер на Работнички

ФК Работнички го именува Томислав Франц за нов тренер на клубот. Досегашниот прв асистент во сениорскиот тим, согласно договорот со раководството, во следните две години ќе ги води „романтичарите“ наследувајќи го на клупата Игор Ангеловски кој ја презема селекторската функција на Македонија.

„ФК Работнички одлучи да му даде доверба на Томислав Франц кој во следните две години ќе биде на кормилото на сениорскиот тим менувајќи го Игор Ангеловски. Сметаме дека тоа е најдоброто решение со оглед на тоа дека веќе седум години е во клубот, а три години е дел од сениорскиот погон како прв асистент на Ангеловски. Сигурни сме дека клубот со него ќе ја продолжи досегашната филозофија на работа. Франц е вистинскиот човек за продолжување на нашата стратегија за форсирање на млади фудбалери, но и за стигнување до успешни резултати во двете домашни натпреварувања, како и на меѓународна сцена. Ги познава одлично состојбите во клубот како и квалитетите на сите поединци и сигурни сме дека може соодветно да одговори на поставените задачи“ – вели претседателот на Работнички, Драган Поповски.

Првата прозивка пред зимските подготовки е закажана за 8. јануари кога Томислав Франц ќе го одржи првиот свој собир со тимот како прв тренер.

„До почетокот на подготовките Франц ќе треба да подготви и комплетна стратегија за активностите во следната сезона и да подготви трансфер листа и предлози за нови засилувања. Во меѓувреме ќе биде одреден планот и програмата за подготовките на Работнички“ – истакнува Поповски.