shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Работнички го има голгетерот на есента: На Илијоски најдраг му е голот за триумф над Трабзон

Заврши есенскиот дел од шампионатот на Македонија, а во него најдобар стрелец со 13 постигнати гола е капитенот на Работнички, Баже Илијоски. Секако, како дополнение, и тоа многу важно, се погодоците постигнати во квалификациите за Лигата на Европа. Разговор со капитенот за периодот што е зад нас, сумирајќи ги неговите голови, но и резултатите на Работнички во есенската полусезона.

„Лично, можам да бидам задоволен од остварениот ефект. Постигнав 13 погодоци во првиот дел од шампионатот, релативно добра бројка, и би сакал да им заблагодарам и на соиграчите, затоа што и тие имаат голем удел во ова мое постигнување. Секој гол ми е драг, но ако морам да одберам, тогаш секако повеќе од останатите го паметам голот за триумф против Трабзонспор на арената „Филип Втори“. Одигравме одличен натпревар, а победивме со 1-0, со голот што го постигнав во првото полувреме. Потоа бајката продолжи и во Турција, успеавме да го елиминираме големиот Трабзон“, вели Баже Илијоски.

_MG_1375

Анализирајќи ги резултатите на тимот, капитенот смета дека по одличната презентација на македонскиот фудбал на меѓународна сцена, Работнички малку потрфли резултатски во првенството.

„Имавме незаборавно искуство во квалификациите за Лигата на Европа, остваривме одлични резултати, само мал чекор не делеше од влез во групите од Лигата на Европа. Знаевме дека тоа сепак ќе се рефлектуира на настапите во домашното првенство, но и не можевме тоа да го спречиме. Повредите го десеткуваа тимот, се почувствува и замор, и јасно е дека останавме куси за неколку бода, кои ги загубивме во самата завршница на натпреварите од шампионатот. Можеби беше реално да бидеме третопласирани, зад Вардар и зад Шкендија, но тие сепак ни побегнаа многу бодовно. Исто така, мислевме дека и ние ќе успееме да се ’одлепиме’ малку повеќе во однос на другите конкуренти на табелата. Иако тоа не се случи, сепак, мислам дека Работнички е на вистинскиот пат, и дека и на крајот од оваа сезона ќе успее да излезе во Европа. Да не заборавиме, се наоѓаме во полуфиналето на Купот на Македонија, каде ќе ги одмериме силите со Брегалница. Имаме убава можност да се бориме за одбрана на куп-трофејот“, анализира капитенот.

Со истекот на 2015 година, на Баже Илијоски му завршува актуелниот договор со Работнички.

„Претстои зимскиот преоден рок, Работнички е мојот клуб, досега лесно сме се договарале, што не значи дека нема да ги разгледам добро сите понуди што ќе пристигнат на моја адреса“, потенцира Илијоски.