shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Алтипармаковски: Од дуелот со Шкупи нека тргне нова победничка низа

Репрезентативната пауза беше добредојдена за Работнички за консолидирање на тимот кој го мачеа неколкумина повредени фудбалери, а како што се ближи продолжението на шампионатот, „романтичарите“ се речиси комплетни и мотивирани за еден нов победнички почеток. На денешниот тренинг се појавија сите првотимци, Горан Силјановски и Иван Митров се веќе во натпреварувачки ритам, па офанзивецот Марјан Алтипармаковски е оптимистички расположен во пресрет на неделниот дуел со Шкупи.

„Комплетни сме, одморени, освежени и максимално мотивирани за да отпочнеме една нова победничка низа. Се надеваме на триумф против Шкупи и зацврстување на третата позиција на табелата. Го респектираме противникот, но и веруваме во своите квалитети. Сега сме комплетни и мислам дека од нашето издание ќе зависи дали ќе ги освоиме трите бода“, вели Алтипармаковски.

Популарниот Маца многу се труди, влегува во шанси, но некако реализацијата не му беше на посакуваното ниво во изминатиот период.

„Верувам дека и тоа ќе помине. За напаѓачите е најтешко кога не можат да реализираат, но останува максимално да се трудиш и да чекаш конечно да се урне бариерата. Влегувам во шанси, но завршниот удар никако да биде оној вистинскиот, за да се затресе противничката мрежа. Се надевам дека и тоа ќе се промени веќе на дуелот против Шкупи в недела“, порачува Марјан Алтипармаковски.

Натпреварот меѓу Работнички и Шкупи ќе се одигра на арената „Филип Втори“ в недела, со почеток во 13 часот.