shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Ристевски: Паузата е добредојдена, да се освежиме и да собереме сили

Пауза е во шампионатот поради настапите на македонските репрезентативни селекции, а овојпат дефанзивецот Кире Ристевски не е дел од националниот тим, и ќе остане да се подготвува во клупскиот амбиент за следните предизвици. „Романтичарите“ добија два дена одмор по ремито (0-0) против Силекс во Кратово, по што ќе почнат со подготовка за следните предизвици. Целта е да се задржи и потврди третата позиција на табелата во првенството, но и да се обезбеди пласман во полуфиналето на националниот Куп. Противник во четвртфиналето на најмасовното натпреварување е токму кратовски Силекс.

„Паузата што претстои е секако добредојдена за нас. Имавме напорен период, и морам да кажам дека добро го издржавме, а успеавме да се вратиме на третото место. Беше навистина напорно, тимот беше десеткуван со неколкумина повредени фудбалери. Но, се вративме во ритам, а оваа пауза треба да ја искористиме за да се освежиме и да собереме сили за следните предизвици. Целта е јасна, сакаме да се зацврстиме на третото место и, доколку е можно, да ја намалиме бодовната разлика во однос на Вардар и на Шкендија, кои се пред нас. Исто така, фокусирани сме и на претстојните мечеви од четвртфиналето на Купот, каде за противник го имаме Силекс“, вели Кире Ристевски.

Работнички од гостувањето во Кратово се врати со еден бод, по ремито без голови.

„Беше затворен натпревар, и двете екипи не сакаа премногу да ризикуваат. Факт е дека Силекс играше со згусната одбрана, а понекогаш таквиот стил на игра тешко се разбива. Не успеавме да постигнеме победнички погодок, но од друга страна и нашата дефанзива е многу подобра, затоа што веќе три натпревари нашата мрежа мирува“, истакнува дефанзивецот со репрезентативен потенцијал.