shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Илијоски: Многу важен триумф од психолошки аспект

По три ремија во низа, Работнички им се врати на победите во македонскиот шампионат. Изминатиот викенд избраниците на Игор Ангеловски го совладаа Младост Царев Двор со 2-0, со головите на Баже Илијоски и на Штефан Вујчиќ во самата завршница од дуелот. Капитенот Илијоски истакнува дека ова е многу важен триумф за нашиот тим, пред се од психолошки аспект, за враќање на самодовербата и за отпочнување на серија позитивни резултати.

„Многу важен триумф за нас. Имавме неколку нерешени средби во серија и искрено, многу ни беше потребна една ваква победа. Покажавме карактер, напаѓавме до самиот крај и головите дојдоа во судиското продолжение. Конечно и нам ни се отвори малку среќата, со оглед дека на неколку натпревари ние примивме голови на самиот крај, што ни ’откинаа’ бодови“, вели Баже Илијоски.

Веќе в среда, Работнички повторно ќе се сретне со Младост Царев Двор, овојпат како гостин, во одложениот натпревар од четвртото коло во Првата фудбалска лига.

„Повторно ќе играме со истиот противник. Се работи за компактна екипа, имаат цврста одбрана и повторно ќе бидеме на мака да ја разбиеме. Но, сега самодовербата ни е на повисоко ниво и се надеваме на уште еден триумф в среда во Охрид“, истакнува капитенот Илијоски.