shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Петровиќ: Да го заборавиме Турново и да победиме против Ренова

Работнички утре (13.30 часот) ја пречекува Ренова во првенствен дуел од 12.коло во Првата фудбалска лига. По ремито против Хоризонт Турново на гости, како и претходниот меч без голови против Брегалница, „романтичарите“ се надеваат дека ќе успеат да стигнат до триумф и три бода. Ренова е противник кој апсолутно треба да се респектира, но Милован Петровиќ смета дека сепак многу позначајно е тимот да ја задржи концентрацијата до самиот крај.

„Се уште сме под импресии од ремито против Турново и примениот гол во последната минута, кој ни ја одзема победата. Мораме да бидеме концентрирани до самиот крај. Но, тоа е веќе зад нас, нема време за многу да се размислува, затоа што веќе утре не очекува нов првенствен меч. И тука треба да го покажеме карактерот, да се издигнеме, да одиграме на потребното ниво, да го извлечеме максимумот и да победиме“, вели Милован Петровиќ.

На неколку натпревари и среќата не е со Работнички, се примаат голови буквално пред самиот истек на средбата.

„Мислам дека тука концентрацијата е најважна. Примивме такви погодоци и со Вардар и со Турново, и треба да ни бидат добра поука. Сега ни претстои нов важен натпревар, треба да одигравме агресивно, да создадеме шанси, но и да имаме подобра реализација отколку на последниот меч. И среќата секако е фактор што одлучува, но мислам дека таа се заслужува, со борба, со максимално залагање. Верувам дека против Ренова ќе одиграме квалитетно и посакувам да ги освоиме трите бода“, истакнува репрезентативецот од нашите редови.

Денешниот тренинг поради болест го пропушти и Кире Маркоски, чиј настап на утрешниот меч е сериозно доведен во прашање. Надвор од комбинација за настап се и Мите Цикарски, Горан Силјановски и Леон Најдовски.