shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Кога не се користат шансите, доаѓа казната

Водството од 0-2 на полувремето против Хоризонт Турново, сепак, не беше доволно за Работнички да се врати со три бода од денешното гостување на стадионот „Кукуш“. Тренерот Игор Ангеловски анализира дека нереализираните шанси, кои нашиот тим ги имаше на овој меч, се главната причина што не се освоени трите бода. Покрај двата гола во првиот дел, не беа искористени уште неколку убави можности, а слабата реализација продолжи и во вториот дел. Тоа Турново успеа да го искористи и да го казни, па со двата гола на Милушев стигна до реми (2-2).

„Можеме да жалиме што не се вративме со три бода од гостувањето во Турново. Имавме водство од 0-2 и неколку одлични шанси што не ги искористивме. Со трет погодок сигурно ќе го решевме потполно мечот. А кога нема да се искористат шансите, тогаш во фудбалот најчесто доаѓа казната. Примивме гол во последната минута од судиското продолжение и, реално, загубивме два бода од овој дуел. Победата ја испуштивме од раце во самата завршница“, вели тренерот Игор Ангеловски.