shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Поповски: Историска победа и за Работнички и за македонскиот фудбал

Претседателот на Работнички, Драган Поповски, сосема очекувано е презадоволен по победата на неговиот тим и во третата европска рунда натпревари ова лето, и тоа против големиот фаворит Трабзонспор кој потклекна на „Филип Втори“.

„Ова е навистина голема победа за Работнички, за која можеби и малку сме свесни во моментов. Триумф кој е од огромно значење и за дополнително зголемување на рејтингот на тимот во европски рамки, но и триумф кој позитивно ќе одекне на меѓународната фудбалска сцена. Оваа победа е и тоа како значајна и воопшто за македонскиот фудбал“ – истакнува Поповски, дополнувајќи дека е горд на комплетниот тим.

„Воопшто не е шега да се совлада клуб како Трабзонспор кој вреди повеќе од 100 милиони евра. Навистина сум горд на тимот и стручниот штаб, не само поради резултатот, но и поради изданието кое ни го подарија вечерва. Одиграа како и што најавија претходно, без страв, со верба во своите квалитети, отворено спротиставувајќи му се на големиот противник. Тоа ме прави навистина горд“.

Сега и за првиот човек на „романтичарите“ погледите се насочуваат кон реванш средбата за седум дена во Трабзон.

„Нормално дека ништо не е завршено, но патуваме на реваншот со еден позитивен резултат кој сега ни дава надеж дека можеме да се пласираме и во следната рунда натпревари. Трабзон и натаму е фаворит, но убеден сум дека тимот повторно ќе одигра како и во Скопје, сега уште повеќе верувајќи во своите капацитети и можности“ – вели Поповски.