shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Ангеловски: Работнички може да надомести и поголема негатива против Флора

Во таборот на Работнички владее нескриен оптимизам пред утрешниот реванш натпревар против естонскиот претставник Флора Талин, во првото квалификациско коло од Лигата на Европа. Работнички има негатива од 1-0 по првиот меч во Талин, но тим менаџерот Игор Ангеловски е сигурен дека неговите избраници може да анулираат и поголема негатива од оваа доколку се одигра согласно квалитетот и договореното.

„Верувам дека, за разлика од првиот натпревар кога не одигравме во посакуваниот ритам и со многу грешки, сега ќе се покаже во светло издани и ќе оствариме резултат за пласман во следната рунда европски натпревари. Работнички секако може да анулира и поголема негатива од оваа доколку одиграме како што знаеме и умееме“ – истакна на денешната прес-конференција, Игор Ангеловски.

Капитенот Баже Илијоски е сигурен во квалитетно издание, потенцирајќи дека сите играчи во тимот се подготвени за предизвикот.

„Може да кажам од името на сите фудбалери дека ќе одиграме максимално мотивирано затоа што желбата на сите е пласман во второто квалификациско коло од Лигата на Европа. Знаеме дека можеме да дојдеме до тоа, доколку се одигра согласно договорот. Флора има респектабилен состав, но ние сме поквалитетни и верувам дека ќе умееме утре тоа да го покажеме на терен“ – вели Илијоски.

Натпреварот меѓу Работнички и Флора на националната арена „Филип Втори“ утре се игра со почеток од 20 часот.