shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Реми без голови против Ренова

Работнички ремизираше без голови против Ренова во 16.коло во Првата фудбалска лига. По ова реми, нашиот тим се наоѓа на деветтата позиција на табелата со 19 освоени бода.

Се одигра квалитетен меч на Националната арена „Тодор Проески“ иако немаше голови. Двете екипи создадоа неколку одлични шанси, но затаи реализацијата.

Шефит Шефити излезе сам пред Ристе Јанков во втората минута, но нашиот голман имаше одлична интервенција. На спротивната страна, Марјан Ристовски се закани, но не беше прецизен.

Во второто полувреме, Работнички тргна многу поофанзивно. Марјан Ристовски во 53.минута имаше одлична шанса, но шутираше крај голот од десетина метри.

Ристовски и Лука Станковски подготвија иделна можност за капитенот Кристијан Стојкоски во 65.минута, тој од десетина метри излезе сам пред Велии, но неговиот шут беше блокиран на патот на топката кон мрежата.

Ремзифаик Селмани можеше тоа да го казни пет минути подоцна, но за среќа и тој не беше прецизен. До крајот, Аломеровиќ шутираше од слободен удар, но Велии одбрани, а потоа и Рафаел Гоес шутираше над голот на Ренова.

Во следното коло, Работнички и гостува на Брегалница во Штип.

РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА 0-0

Национална Арена „Тодор Проески“. Судија: Стојанче Трпчевски (Кавадарци). Ж. картони: Позњак (Работнички), Али, Мустафов, Абдула (Ренова).

РАБОТНИЧКИ: Јанков, Стојков, Илиевски, Позњак, Аломеровиќ, Гоес, Тодоровски (69’ Османоски), Л. Станковски, Ристовски (85’ Тантуровски), Стојкоски, М. Станковски (76’ Баџие).

РЕНОВА: Велии, Илиески, Серафимовски, Абдула, Бајрами, Борха (78’ Фетаи), Мустафов (88’ Гафури), Али (46’ Рамадани), Перез, Шефити, Селмани (88’ Садики).