shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Влахо: Не дадовме 150% од можностите за да можеме да му парираме на Шкупи

Работнички го загуби дербито на Чаир против Шкупи со 2-0 во деветтото коло од Првата фудбалска лига. Репрезентативната пауза ќе ја мине на четвртата позиција на табелата со 15 освоени бода, а тренерот Александар Влахо вели дека периодот ќе биде искористен за да се подобрат некои елементи во играта по анализата на последниот настап.

„Не може да има задоволство кога ќе се загуби натпревар. Јасно е дека не сте одиграле според планот. Во овој случај, тимот на Работнички не даде 150% од можностите за да може да му парира на Шкупи на Чаир. Сакам да им честитам на фудбалерите на Шкупи и тренерот Гоце Седлоски, мојот добар пријател, за победата. Ја заслужија со прикажаното на треренот. Ние моравме тимски да покажеме многу повеќе за да останеме непоразени. Сепак, Шкупи во моментов е можеби најквалитетниот тим во лигата, имаат широк ростер, квалитетни поединци, голем број странци. Но, и покрај поразот, Работнички создаде неколку шанси, доколку успеевме да ги реализираме шансите на Ристевски, Илиевски, Дарбо, Ристовски, Стојкоски…, можеби и ќе можевме да извлечеме поволен резултат. Одредени фудбалери не беа на потребното ниво на овој меч и кога е така, тогаш поразот е логична последица. За да се победи Шкупи на Чаир, треба се да функционира беспрекорно и дополнително да имате спортска среќа и максимален ефект на мечот“, вели шефот на стручниот штаб, Александар Влахо.

Следат две седмици за анализа и напорна работа пред продолжението на првенството.

„Ќе се обидеме да подобриме некои работи, Работнички е млад тим и секогаш има простор за напредок. Ќе работиме напорно и ќе се трудиме да ги оствариме клупските цели“, истакнува Влахо.