shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Ристевски: Пелистер има многу поквалитетен тим од тоа што го покажува пласманот на табелата

Работнички во осмото коло од Првата фудбалска лига денеска (15 часот) ќе го пречека Пелистер. Поради реновирањето на теренот на арената „Тодор Проески“, натпреварот ќе се одигра на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија, а тимот на Александар Влахо посакува да продолжи со позитивниот тренд.

Дефанзивецот Александар Ристевски, кој најголем дел од кариерата ја мина токму во Пелистер, вели дека битолскиот тим има многу поквалитетен состав од бодовното салдо кое го собра во досегашните седум кола.

„Пелистер е мојот клуб, таму израснав, ги направив првите фудбалски чекори, секогаш ќе ми биде при срце, но во фудбалот нема сентименталност, денеска ќе дадам се од себе за победа на Работнички. Сепак, мора да бидеме максимално внимателни и фокусирани, затоа што Пелистер има многу поквалитетен тим од тоа што во моментот го покажува табелата. Тие имаат само два освоени бода, но, сепак, никако не смееме да ги потцениме. Верувам дека ќе продолжиме во нашиот ритам и дека ќе успееме да ги освоиме бодовите“, вели Александар Ристевски.

Натпреварот меѓу Работнички и Пелистер ќе се одигра на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија, со почеток во 15 часот, а ќе го суди Фуркан Идризи од Тетово.